Музичарите од Југоисточна Европа (ЈИЕ) се систематски маргинализирани, како на фестивали и програми за презентација, така и во рамките на дигитални музички платформи како Спотифај (Spotify), покажува новата анализа на Музичката конференција СоАливе (SoAlive Music Conference ) и Флат Лајн Колектив (Flat Line Collective).
Анализата „Музичка еднаквост- Географска еднаквост во музичката индустрија во ЕУ“ (Music Equality – Geographical Equality in the Music Industry in EU), открива дека регионот на ЈИЕ, кој опфаќа повеќе од 55 милиони луѓе – вклучувајќи ги Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија, Србија, Романија, Бугарија, Грција, Словенија и Хрватска - завршува речиси невидлив во европските музички наративи и дигитални стримови.
Студијата се базира на обемни податоци собрани од 10 јуни 2023 година до 8 јули 2024 година и вклучува интервјуа и анкети со разновидна група музички професионалци, организатори на фестивали, промотори и уметници од регионот на Југоисточна Европа.
„Во прогресивниот и демократски пејзаж на Европската Унија, каде што инклузијата, разновидноста и родовата рамнотежа се најавуваат како приоритети, трендовски теми, па дури и основни столбови во рамките на културната и музичката индустрија, излезе на виделина дека регионот на Балканот останува широко отсутен и речиси целосно маргинализиран од музичката нарација на континентот. Оваа студија има за цел да ги истражи причините зад овој значаен пропуст, прашувајќи зошто толку територијално огромна, населена и културно богата област е речиси невидлива на европската музичка мапа“, велат авторите на истражувањето.
Според податоците на истражувањето, само 1,06% од 1.508 претставени бендови на големите европски фестивали во 2025 година доаѓале од Југоисточна Европа
Отсуство од фестивали, нефер политики на Спотифај
„И покрај вкупно над 1.500 уметници на големите настани, Југоисточна Европа беше претставена од само 16 изведувачи - што нагласува впечатлива географска нерамнотежа што опстојува низ целиот европски културен екосистем“, велат истражувачите.
Во рамките на анализата е претставено и истражувањето на Асоцијацијата на независни музички издавачи и продуценти на Бугарија (АИМППБ). Асоцијацијата спровела истражување од 10 октомври до 5 ноември 2025 година, во однос на влијание на прагот од 1.000 стримови на Спотифај врз приходите.
Податоците покажуваат дека политиката на платформата за праг од 1.000 стримови несразмерно влијае врз издавачките куќи и уметниците со обемни каталози и разновиден спектар на жанрови.
Мнозинството испитаници (85%) се спротивставуваат на политиката, повикувајќи го Спотифај да усвои поинклузивни практики, како што се намалување или елиминирање на праговите и подобрување на поддршката на локалниот пазар.
Издавачките куќи и уметниците со поголеми каталози се чувствуваат особено неподдржани од моменталната структура на политиката, Тие ја нагласуваат потребата од фер компензација за целата содржина, наведувајќи го потенцијалниот преседан што политиката на Спотифај би можела да го постави за други платформи за стриминг.
Додека ЕУ продолжува да ја смета културната соработка како алатка за единство, цврстите податоци што произлегуваат од клучните механизми за поддршка раскажуваат поинаква приказна - една за географска нерамнотежа и системско исклучување, особено во однос на балканските земји. Длабински поглед на две од највлијателните платформи на континентот за развој на музика во живо - ЛивеЕуропе (LiveEurope) и ЛивеДМА (Live DMA) - открива структурни ограничувања што значително ја исклучуваат Југоисточна Европа од значајно учество.
Непропорционална поддршка за турнеи
ЛивеЕуропе, кофинансирана од Европската комисија од 2014 година, беше дизајнирана да ја поддржи прекуграничната циркулација на млади европски уметници преку финансиски стимулации на места за програмирање на настапи од други европски земји. Сепак, официјалната статистика на за периодот 2014-2025 година открива јасна географска нерамнотежа помеѓу Северна/Западна Европа и Балканот.
Низ седум релативно мали или ретко населени земји во Северна/Западна Европа, ЛивеЕуропе поддржала вкупно 723 уметници: Естонија (34), Литванија (79), Латвија (38), Исланд (153), Данска (239), Луксембург (37) и Финска (143). Во истиот период, единаесет балкански и ЈИЕ земји заедно имаат 525 поддржани уметници: Хрватска (88), Албанија (1), Босна (3), Бугарија (23), Грција (76), Косово (3), Северна Македонија (38), Романија (79), Србија (101), Словенија (112) и Црна Гора (1). Со други зборови, 7 земји со вкупно население од приближно 13,3 милиони генерираа повеќе уметници поддржани од ЛивеЕуропе отколку 11 балкански земји со над 56 милиони жители.
Оваа нееднаквост не може да се објасни само со уметничко производство или „недостаток на талент подготвен за извоз“, со оглед на документираната виталност на музичките екосистеми во регионот. Напротив, таа укажува на структурни фактори: нееднаков пристап до информации и финансирање, послаба интеграција во програмирањето на ниво на ЕУ и мрежите на места, како и постојани стереотипи кои продолжуваат да ја позиционираат Југоисточна Европа како периферна во однос на „јадрото“ европско турнејско коло.
Ограничена застапеност и структурни празнини на Балканот
Ливе ДMA, мрежа на музички места, клубови и фестивали поддржана од Креативна Европа (Creative Europe), е една од највлијателните структури што ја обликуваат политиката на европската музика во живо.
Нејзините годишни извештаи, рамки за одржливост и програми за професионален развој играат централна улога во тоа како секторот се развива низ цела ЕУ.
Членството останува концентрирано првенствено во Западна и Северна Европа, а поголемиот дел од балканскиот регион останува надвор од мрежата. Како резултат на тоа, нивните национални места на одржување моментално не учествуваат во бенчмаркингот, извештаите за влијание или програмите за одржливост на Ливе ДMA, не се претставени во процесите на застапување на ниво на ЕУ околу фер надоместоците на уметниците, родовата рамнотежа, зелената транзиција или развојот на публиката и пропуштаат можности за професионализација, размена на најдобри практики и долгорочен развој на секторот
Комбинираниот ефект од овие ограничувања е двоен. Уметниците од Југоисточна Европа имаат помалку можности за турнеи, што го намалува нивниот потенцијал за кариерен раст, меѓународна видливост и приходи. 2. Местата за одржување настани и промоторите во регионот се ограничени од најдобрите практики на ниво на ЕУ, што дополнително ги продолжува нееднаквостите во условите за работа, безбедносните стандарди, развојот на публиката и планирањето на животната средина.
„И покрај тоа што формално се квалификува, Југоисточна Европа останува неформално исклучена. Ова не е резултат на недостаток на талент или амбиција, туку е одраз на длабоко вкоренети нееднаквости во пристапот, препознавањето и структурната поддршка. За да се оди подалеку од реториката, платформите поддржани од ЕУ како ЛивеЕуропе и Ливе ДMA не само што мора да ги признаат овие слепи точки, туку и активно да работат на нивно корегирање - преку насочени стратегии за вклучување, наменски средства за финансирање и поддршка за регионални посреднички структури“, велат истражувачите.
Нивната цел е, како што велат, е да презентираат пристап базиран на податоци и истражување за разбирање на причините за оваа недоволна застапеност и да понудат решенија за надминување на бариерите што долго време ги спречуваа балканските уметници да го остварат својот целосен потенцијал на европската и глобалната сцена.
Во таа насока е и распишаната онлајн петиција, која е достапна за сите кои сакаат да донираат или со својот потпис да дадат придонес да се слушне гласот на уметниците од ЈИЕ.
Извор: ТРТ Балкан



























