Низ просториите на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“
КУЛТУРА
3 мин читање
Низ просториите на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“Во овие простории се чуваат ракописи кои преживеале векови, војни и цели политички епохи
Низ просториите на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ / TRT Balkan MK
3 јануари 2026

Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ е местото каде што, по закон, завршува секоја книга што некогаш е објавена во државата. Пет примероци од секое издание задолжително се депонираат во нејзините фондови- тивок, но прецизен механизам преку кој се чува пишаната меморија на државата.

Библиотеката е основана во 1920 година, заедно со тогашниот Филозофски факултет во Скопје. Во разговор со ТРТ Балкан, директорот на НУБСК, Јовица Никчевски, објаснува дека таа уште во раните децении ја надминува улогата на факултетска библиотека. 

„Иако формално била факултетска, таа била отворена за сите читатели и претставувала прва јавна, градска библиотека во Скопје во тоа време“, вели Никчевски. 

Во 1941 година станува Народна библиотека, а по ослободувањето на Македонија, во 1944 година, АСНОМ ја носи одлуката за именување на првиот директор во слободна Македонија- Георги Шоптрајанов.

Денес, библиотеката располага со фонд од над три милиони библиотечни единици, од кои значаен дел се прогласени за културно наследство. Вкупно 11 збирки имаат статус на заштитено културно добро. 

„Во нашите фондови чуваме словенски ракописи од XIII век, османлиско-турски и персиски ракописи, старопечатени книги, како и стара периодика – списанија и весници од XVIII, XIX и XX век“, истакнува Никчевски. Меѓу особено вредните содржини се и ракописи и посвети поврзани со патронот на библиотеката, како и еден фрагмент што, според истражувањата, се смета за порака од Св. Климент Охридски.

Посебно значајно место заземаат специјалните колекции, сместени во Археографскиот центар. Раководителката на секторот, Зорица Јаковлевска Спировска, појаснува дека токму таму се чува највредниот дел од пишаното културно наследство. „Во Археографскиот центар се наоѓа збирката на старословенски ракописи, меѓу кои и фрагмент од ракопис од XIII век, како и збирката на инкунабули – првите печатени книги, и збирката на старопечатени и ретки книги, која е најбогата од ваков тип во државата“, вели таа.

Покрај зачувувањето на минатото, библиотеката активно работи и на својата трансформација кон дигиталната ера. 

„Се адаптираме според потребите на корисниците преку дигиталната библиотека на Македонија. Нашата цел е да изградиме голема платформа со значително поголем дигитален фонд“, посочува директорот Никчевски. Во таа насока, започната е и соработка со Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, со фокус на подобар пристап, примена на вештачка интелигенција и, како што нагласува, „исполнување на интернет-просторот со македонска кирилица“.

Во овие простории се чуваат ракописи кои преживеале векови, војни и цели политички епохи. Затоа, Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ не е само зграда со полици и книги, таа е институција што тивко, но истрајно ја чува целата пишана историја и идентитет на една нација.


Повеќе
Испраќањето европски трупи во Гренланд нема да го промени ставот на Трамп, соопшти Белата куќа
Финска бележи најголем број банкроти во последните 30 години
Кремљ: Гренланд го сметаме за дел од Данска
Карни во Пекинг: Канада и Кина започнуваат ново стратешко партнерство
И трета партија му го врати мандатот на Радев- Бугарија оди на нови предвремени избори
Би-Би-Си: Сателитските снимки покажуваат дека Израел ја поместил Жолтата линија подлабоко во Газа
Родригез: Венецуела ќе соработува со сите земји, вклучувајќи ги САД, Русија и Кина
Хрватска: Пленковиќ го обвини Милановиќ дека води политика што ќе ја изолира и подели земјата
Белата куќа: Иран откажа 800 егзекуции на демонстранти по предупредувањето од Трамп
Туркије го поддржа стапувањето во сила на голем договор за заштита на глобалните океани
Трамп објави дека е формиран Одборот за мир за Газа
Нови судири меѓу демонстрантите и федералните службеници во Минесота
Сијарто: МОЛ пред договор со Гаспромнефт за купување на НИС
Бројот на жртви во протестите во Иран достигна 2.677: Група за човекови права
По импичментот и пет години затвор за јужнокорејскиот претседател Јун