Денеска во Португалија се очекуваат прекини во сообраќајот, летовите, училиштата, болниците и другите јавни услуги, бидејќи двата главни синдикати, ЦГТП и УГT, организираат генерален штрајк поради предложената реформа на трудот.
Последен пат овие два синдикати се обединија во 2013 година, за време на должничката криза во еврозоната, кога меѓународните институции побараа намалување на платите и пензиите, пишува Би-Би-Си.
Португалскиот премиер Луис Монтенегро истакнува дека реформата е потребна за да се намали „ригидноста“ на пазарот на трудот и да им се овозможи на компаниите да бидат попрофитабилни, додека работниците добиваат подобри плати.
Меѓу предлозите се продолжување на привремените договори, укинување на забраната за отпуштање работници со повторно вработување преку трети страни и укинување на обврската за враќање на неправедно отпуштените вработени на работа.
Синдикатите предупредуваат дека реформите особено ќе влијаат на младите работници и жените.
ЦГTП ја нарекува реформата „напад врз работничките права“, додека УГT тврди дека предлозите ги фаворизираат работодавачите и ги игнорираат потребите на вработените.
Генералниот секретар на УГT, Марио Моурао, предупреди дека реформите влијаат на сите работници во земјата и дека на нив мора да се одговори соодветно.
Штрајкот не е ограничен само на јавниот сектор.
Во приватниот сектор, речиси 1.000 вработени во фабриката „Автоевропа“, во сопственост на Фолксваген, јужно од Лисабон, гласаа за учество во акцијата.












