| Macedonian
БалканКаст: Партнер или сосед? Како дигиталната Шенген бариера го „закочи“ Западен Балкан
00:00
00:0000:00
Регион
БалканКаст: Партнер или сосед? Како дигиталната Шенген бариера го „закочи“ Западен Балкан
Превозниците од регионот се обединија во протестите против новата електронска евиденција во Шенген зоната преку системот влез/излез која ја доживуваа како дигитална бариера.
8 февруари 2026

Блокирани гранични премини за товарни возила. Камионџии организирани во осумчасовни смени.

Превозниците од регионот се обединија во протестите против новата електронска евиденција во Шенген зоната преку системот влез/излез која ја доживуваа како дигитална бариера.

Иако правилата за престој не се променија, електронската евиденција стави крај на досегашното прогледување низ прсти за точниот број на денови на престој, но истовремено со новиот систем не се предвидува посебен статус на професионалните возачи кои се третираат исто како туристи, а не вработени кои вршат економска активност.

Јас сум Христијан Станоевиќ, а вие ја слушате новата епизода на Балкан Каст, поткастот на ТРТ Балкан...

Превозниците од бирократите во Брисел побараа слух за проблемите на транспортерите од регионот, и да се најде решение бидејќи последиците ќе ги почувствува и европската економија, особено европските компании кои се потпираат од увоз на полупроизводи од регионот.

Новиот електронски систем на евиденција на влез и излез од европските Шенген граници беше најавен пред повеќе години, а неколку пати беше одложуван за да се направат потребните прилагодувања. Сепак, како по обичај балкански со проблемот се соочуваме во последниот момент.

Во последните недели беа изнесени првите „црни“ прогнози од властите во регионот. Дека, штом започне спроведувањето на новите правила во Шенген зоната дека ќе дојде до економски колапс кој најмногу ќе ги погоди земјите од регионот.

Откако беа приведени и депортирани десетици возачи на камиони од балканските транспортни компании беше донесена одлука за целосна блокада на товарниот сообраќај на граничните премини.

Превозниците тврдеа дека не можат да бидат конкурентни на пазарот ако нивните возачи имаат ограничување на престојот од 90 дена во последните 180 дена. Тоа значи дека ќе треба да ангажираат двојно повеќе возачи кои ќе го пополнат вториот дел од дозволениот престој или пак да вложуваат во работни визи кои би го регулирале професионалниот престој на нивните вработени.

Од Богородица до Градишка, беше блокиран целиот влез на стоки кон Европската Унија како и до пристаништето во Бар, Црна Гора. Секторот излезе со проценки дека само од прекинатиот увоз дневно компаниите губеа по 100 милиони евра, без да се пресметаат и потенцијалните пенали кои компаниите од регионот би требало да ги исплатат за неисполнетите обврски.

Новиот систем на електронска евиденција точно ги брои деновите на престој во земјите од Шенген зоната и практично станува невозможно да се прогледа низ прсти за евентуално пречекорување. Исто така превозниците не беа препознаени како професионални возачи туку како туристи или посетители што доведе до барањето за препознавање на посебен статус за оваа категорија.

По извршениот притисок и Европската комисија излезе со став дека ќе се работи на решавање на статусот на превозниците од Западен Балкан во визниот систем како посебна категорија, а не како туристи и посетители.

„Документот е навистина квалитетен, се состои на 19 страници и којшто целосно ги опфаќа сите нови правила на Шенген зоната и таму има еден клучен збор баш во овој дел којшто го издвоив на мојата објава, кадешто возачите на камиони односно транспортерите се прифаќаат како професионалци, со останатите категории коишто се наведени тука како спортисти, уметници и итн. Тоа е првпат Европската Унија на тој начин да го реши проблемот, и во суштина тоа беше и еден од начините да се излезе од проблемите бидејќи транспортерите кога ги почнаа протестите бараа да се почне дијалог со којшто ќе се реши проблемот, се понудија три решенија и ова е едно од трите решенија“, изјави министерот за транспорт и врски Александар Николоски во Дневникот на ТВ Сител.

Исто така задолжителната биометриска воведна евиденција во системот за влез и излез наместо од април ќе се применува од септември годинава. Стравувањата на Брисел беа дека ќе се создадат проблеми со патувањата особено во летната сезона што најмногу може да го погоди туристичкиот сектор.

Одложувањето до септември можеби ги смири страстите и ги одблокира границите, но суштината на проблемот останува на бирократската маса во Брисел. Прашањето веќе не е само техничко, туку политичко – дали Европа е подготвена да го третира Балканот како партнер во заедничкиот економски пазар или само како сосед кој мора да чека пред дигиталната завеса.

Ви благодариме што бевте со ТРТ Балкан во новата епизода на БалканКаст. До наредниот поткаст останете информирани.

Слушни повеќе
Дневни блиц вести 27.02.2026
БалканКаст: Како вештачката интелигенција го менува македонскиот јазик?
БалканКаст - Подемот на турската одбранбена индустрија
БалканКаст: Три балкански држави го делат, но кој ќе го спаси Преспанското Езеро
БалканКаст: Како геополитиката ќе ја обликува македонската брза пруга
Негативниот наратив кон мигрантите и бегалците му штети на јавниот интерес
БалканКаст: Македонскиот поет кој ја опеа болката на Палестинците
БалканКаст: Зошто спортските дресови се хит на аукциите
БалканКаст: Пораките кои папата Франциско ги остави во регионот
БалканКаст: Ѕвезда хуманитарно во Скопје, публиката желна за регионален фудбал