Иран влегува во нуклеарни разговори со САД со „добра волја“, Туркије ја одбележа третата годишнина од земјотресот во 2023 година. Трамп повика на нов нуклеарен договор со Русија наместо продолжување на СТАРТ. Канадскиот премиер Карни ја истакна Туркије како важен партнер. Вечерва свечено се отвораат Зимските олимписки игри 2026 во Милано и Кортина.
Слушате Блиц вести на ТРТ Балкан на македонски, денеска е петок 6 февруари
Иран: Влегуваме во нуклеарните разговори со САД со добра волја
Пред разговорите со САД во Оман, министерот за надворешни работи на Иран денес изјави дека Техеран влегува во дипломатијата „со добра волја“, нагласувајќи дека „обврските мора да се почитуваат“. „Иран влегува во дипломатијата со отворени очи и со јасна меморија за изминатата година. Влегуваме во преговорите со добра волја и цврсто стоиме зад нашите права“, рече Абас Арагчи во објава на X.
Претседателот на Туркије ја одбележа третата годишнина од земјотресот во 2023 година
Туркије ги обнови разурнатите подрачја „во рекордно краток рок од три години“, порача Реџеп Таип Ердоган, истакнувајќи дека жртвите нема да бидат заборавени. Претседателот на Туркије денес им оддаде почит на настраданите во земјотресите што на 6 февруари 2023 година го погодија југот на Туркије, по повод третата годишнина од катастрофата, порачувајќи дека владата го исполнила ветувањето за обнова на разурнатите градови во краток рок.
Трамп: САД и Русија не треба да го продолжат договорот СТАРТ, туку да постигнат нов
Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа изјави дека САД и Русија не треба да го продолжат договорот за Новиот СТАРТ за нуклеарно оружје, за кој рече дека е „лошо договорен“, туку треба да постигнат нов договор во таа област. „Наместо да го продолжуваат Новиот СТАРТ (лошо договорен договор од страна на САД, кој, меѓу другото, грубо се крши), нашите нуклеарни експерти треба да работат на нов, подобрен и модернизиран договор што може да трае долго во иднина“, рече Трамп во објава на неговата платформа Вистина (Truth Social).
Канадскиот премиер Карни: Туркије е значаен партнер за Канада
Канадскиот премиер Марк Карни ја нарече Туркије значаен сојузник на Канада во рамките на НАТО и посочи дека постои значителен потенцијал за проширување на билатералната соработка, особено во трговијата и индустријата. „Сакам да нагласам неколку работи. Едната е дека Туркије е значаен партнер во НАТО, значаен партнер во многу важен и понекогаш предизвикувачки дел од светот“, изјави Карни пред новинарите на прес-конференција во Вон.
И за крај на денешниот блиц…
Свечено отворање на ЗОИ 2026, олимпискиот оган истовремено ќе се запали и во Милано и во Кортина
Зимските олимписки игри официјално ќе започнат денес во 20 часот со церемонијата на отворање, која ќе се одржи во Милано на стадионот Сан Сиро, но ќе се одржи и на три други места во Предацо, Ливињо и Кортина д'Ампецо. За првпат во историјата на Олимписките игри, церемонијата на отворање ќе се одржи на повеќе локации и ќе вклучува истовремено палење на пламенот во вториот град домаќин.
Тоа е сѐ за денешните блиц вести. За повеќе посетете нѐ на macedonian.trtbalkan.com
