| Macedonian
Мислење
ВОЈНА ВО ГАЗА
9 мин читање
Консензус за екстремизам во израелската политика
Проблемот со Израел е многу подлабок од Бенјамин Нетанјаху и неколкумина од неговите најгласни и најнасилни министри
Консензус за екстремизам во израелската политика
Aко се споредува со политиките на коалицијата на Нетанјаху, треба да се признае дека ционистичкиот опозициски блок нуди апартхејд наместо геноцид

Даниел Леви

Даниел Леви е претседател на организацијата Проект САД/Блиски Исток (US/Middle East Project). Служел како израелски преговарач за мир за време на преговорите „Осло 2“ во 1993 година, под водство на израелскиот премиер Јицак Рабин, и на преговорите во Таба во 2001 година, под водство на израелскиот премиер Ехуд Барак

Претстојните избори во Израел, закажани за 27 октомври, се опишуваат со хиперболични изрази како избори какви што немало досега- како најсудбоносни, па дури и како последни. 

Кампањата е исто така одбележана со меѓусебни обвинувања за предавство меѓу власта и опозицијата, како и со стравувања дека растечката политичка тензија и поттикнувањето омраза ќе прераснат во насилство. 

Набљудувачот лесно би можел да помисли дека разликите меѓу спротивставените патеки што ги нудат 11. релевантни ционистички и ултраортодоксни еврејски политички партии-главно поделени во два табора -се огромни. Сепак, опциите на гласачките ливчиња нудат мала алтернатива на визијата за трајна окупација и војна, која прерасна во крвав национален консензус заснован на заслепеност.

Мапирање на блокот против Нетанјаху

Наместо да се толкува низ призмата на левицата и десницата, израелската политичка мапа е дефинирана од една централна линија на поделба: премиерот Бенјамин Нетанјаху и неговите политички партнери- екстремно десничарските партии предводени од Итамар Бен-Гвир и Безалел Смотрич, како и ултраортодоксните партии. 

Нетанјаху, на кого сè уште му се суди по три точки од обвинението за корупција, е претставен како човек што ги става личните интереси пред националните: неговата небрежност во периодот пред 7 октомври, ослободувањето на ултраортодоксните од воена обврска во време кога има недостиг од воен кадар, како и неговите напори да ја зајакне извршната власт на сметка на судството.

ПоврзаниTRT Balkan - Oпозицијата во Израел формира три работни групи да го собори Нетанјаху и формира ционистичка држав

Водечка фигура во опозицијата е поранешниот началник на Генералштабот на израелската армија (ИДФ), Гади Ајзенкот, чија партија Јашар (што значи „исправен“ или „чесен“) во анкетите постојано котира подобро од Ликуд на Нетанјаху, позиционирајќи се како најголема партија. 

Остатокот од ционистичкиот опозициски блок што се противи на Нетанјаху го сочинуваат партијата Јахад (Заедно) на Нафтали Бенет и Јаир Лапид- кои ја предводеа единствената влада без Нетанјаху во последните 17 години (влада со краток век, од јуни 2021 до декември 2022 година)- како и центристичко-левичарската партија Демократите на Јаир Голан (наследник на старата Лабуристичка партија и Мерец) и ултрадесничарската Израел Бејтеину на Авигдор Либерман.

Овие четири партии се договорија за соработка, но не постигнаа договор за заеднички кандидат за премиер; исто така, ниту една од нив не настапува со платформа што предвидува прекин на изградбата на населби, повлекување од окупираните територии, поддршка за решението со две држави или промена на регионалната позиција на Израел (на пример, во однос на окупациските зони во Сирија или Либан). 

Наместо тоа, тие се фокусираат на прашања како што се воведување задолжителна воена служба за сите граѓани (укинување на постоечките исклучоци за ултраортодоксните Евреи), поништување на реформата на правосудството спроведена од коалицијата на Нетанјаху и темелно истражување на пропустите од 7 октомври. 

За да се разбере исклучително ограничениот опсег на алтернативната агенда предложена од опозицијата, неопходно е да се разбере консензусот што се формираше во Израел околу екстремизмот, кој пак генерираше општествена поддршка за геноцидната кампања во Газа. 

Според тоа, во клучните аспекти, опозицијата во голема мера ја презеде политиката на цврста рака предводена од Нетанјаху, Бен-Гвир и Смотрич. Степенот до кој се кристализираше свртувањето кон десницата- овозможено од децениската меѓународна неказнивост- го стесни просторот за попрагматичен пристап или пристап заснован на реалполитика.

Опозицијата често ја критикува владата за тоа што не успеала да ги претвори воените успеси од последните три години во дипломатски иницијативи. 

Притоа, таа не упатува никакви критики кон самата воена акција- иако се трупаат докази за бројни воени злосторства- и не постои сериозно преиспитување на улогата на војската на Западниот Брег, во Либан, Сирија или во поширокиот регион.

Згора на тоа, иако повикуваат на дипломатски алтернативи, предлозите на опозицијата исто така спаѓаат во категоријата на нереални решенија и пристапи од типот „добивка за едниот значи загуба за другиот (т.н. нулта сума игра). 

Никој не предлага решенија што би биле веродостојно прифатливи за Палестинците, Либанците, Сиријците или кој било друг народ во регионот што држи до своето достоинство- а овие предлози речиси сигурно би воделе назад кон истата зависност од грубата сила на воената моќ и американската принуда.

Понекогаш, делови од опозицијата дури и ја надминуваат владата по својата десничарска ориентација. Тие повторно ги изнесуваат идеите за регионална нормализација без напредок на палестинското прашање, како и за продолжување на напорите- вклучително и преку воени средства-за промена на режимот во Иран. 

Згора на тоа, клучниот опозициски лидер Нафтали Бенет ја посочи Туркије како следен главен регионален противник на Израел со кој треба да се соочат по секоја цена, а истовремено повика и на официјално прогласување на Катар за непријателска држава, со сите последици што произлегуваат од тоа.

И покрај сите недостатоци, сепак постојат разлики помеѓу овој блок и она што го нуди актуелната коалиција на Нетанјаху, останатите од екстремната десница и на ултраортодоксните. 

Партијата Ликуд на Нетанјаху сега во голема мера наликува на фракциите на Бен-Гвир и Смотрич, а постои и трета партија од фашистичката десница - неодамна формираната партија Амча Израел, предводена од пензионираниот бригаден генерал на ИДФ, Офер Винтер-која е подеднакво посветена на територијалниот максимализам и на етничкото чистење на Палестинците. 

Кога се споредува со политиките на постоечката коалиција на Нетанјаху, вреди да се признае дека ционистичкиот опозициски блок нуди апартхејд наместо геноцид. 

Може да се замисли дека влада предводена од Ајзенкот, формирана од опозицијата, би ги ублажила некои од условите во Газа, вклучително и на хуманитарен план; би ги ограничила некои од владините ексцеси поврзани со раселувањето на Палестинците и конфискацијата на земјиште на Западниот Брег; и можеби би ѝ овозможила на Палестинската управа финансиски да здивне. 

Можеби дури и би се залагала за одреден степен на деескалација во регионот. Ништо од ова не претставува мировна платформа, но би можело да ги ублажи дел од тензиите, радикализацијата и страдањето предизвикани од дејствијата на Израел.

Гласовите на Арапите и границите на демократијата

Сепак, анкетите сугерираат дека исходот од изборите останува неизвесен. Иако се очекува блокот на Нетанјаху да изгуби околу 10% од своето парламентарно претставување и значително да потфрли во обидот за победа, ционистичкиот опозициски блок исто така не успева да ја достигне „магичната“ бројка од 61 пратеничко место потребни за формирање владејачко мнозинство. 

ПоврзаниTRT Balkan - Арапската партија „Балад“ го повлекува својот лидер од претстојните општи избори во Израел

Ова само по себе дава многу јасна слика. Рамнотежата на моќта веројатно ќе ја држат неционистичките партии, кои во огромна мера ги претставуваат палестинските арапски граѓани на Израел, кои сочинуваат приближно 20% од населението. 

Тие главно се претставени преку две политички формации- од кои едната, Обединетата арапска листа (УAЛ) предводена од Мансур Абас, зазеде став на голема подготвеност за соработка со ционистичкиот режим на Израел, дури и поставувајќи го Јоав Сегаловиц, поранешен висок полициски началник и пратеник од еврејска ционистичка партија, на второто место на партиската листа. 

Според анкетите, УAЛ и Заедничката листа- другата листа што ја претставува заедницата и се состои од три политички партии- заедно би освоиле број на пратенички места што се изразува со ниска двоцифрена бројка. 

Сепак, со исклучок на Демократите на Јаир Голан, другите лидери на ционистичкиот опозициски блок ја отфрлија можноста за влегување во влада со Абас и Обединетата арапска листа. 

Се чини дека Ајзенкот претходно ја разгледувал таа идеја, но духот на времето и притисокот го наведоа сега отворено да ја отфрли. Всушност, Ајзенкот и другите партии од блокот против Нетанјаху отидоа и чекор понатаму, поддржувајќи петиции за забрана на арапските партии и кандидати во една или друга форма. 

Овој популистички ритуал, кој добива на интензитет во секој изборен циклус, укажува на ограничувањата на демократијата под актуелниот режим на ционизмот.

Во израелскиот систем на пропорционална застапеност, политичкото пазарење меѓу различни партии со различни агенди е составен дел од процесот на формирање владејачка коалиција. Коалицијата на Нетанјаху успеа да го одработи целиот свој мандат. Актуелниот опозициски блок има многу помалку дисциплина и единство од коалицијата што се обидува да ја собори од власт, па затоа секоја влада предводена од него веројатно би била нестабилна.

Императивот на меѓународниот притисок

Во моментов се можни најразлични исходи, вклучително и обединување на Ликуд на Нетанјаху со дел од опозицијата, или пак ќорсокак што би довел до нов круг избори, при што Нетанјаху и актуелната влада би продолжиле да владеат во преоден капацитет. 

ПоврзаниTRT Balkan - Бенет го обвини Нетанјаху дека ги игнорирал предупредувањата за нападот на Хамас на 7 октомври 2023

Доколку овие избори навистина доведат до траен пад на Нетанјаху, тогаш можеби ќе се отвори период на постојана политичка нестабилност и прегрупирање, во кој актуелните сојузи ќе бидат подложени на таков притисок што со текот на времето ќе станат можни и вистински нови политички конфигурации.

Во најоптимистичкото сценарио, би се создал простор во кој прашањата на дневен ред нема првенствено да се однесуваат на тоа кој кого предупредил за 7 октомври и како подобро да се води меѓународната пропаганда на Израел, туку на тоа дали Израел има поинаков пат напред за Палестинците и за регионот- пат што не се заснова на етно-супремацистички режим, на исходи од типот „победникот зема сè“ и на доминација. 

Со други зборови, потребна е политика што ќе ги надмине сегашните екстремни потези и екстремизмот (за кои овој автор смета дека се осудени на пропаст и внатрешен колапс).

Но таквата промена веројатно ќе стане можна само доколку врз Израел се врши значаен, ефективен и континуиран притисок; доколку се стави крај на неказнивоста што ја овозможи актуелната спирала на израелскиот екстремизам; и дали постои поинаква структура на стимулации и пресметка на трошоци и придобивки во однос на постапувањето на Израел кон Палестинците, вршењето воени злосторства и проектот за регионална хегемонија.

Веќе се појавуваат првични знаци за такво нешто- на пример, преку неодамнешните мерки најавени од Велика Британија и некои европски земји, преку мобилизацијата на земјите од Глобалниот југ за повикување на Израел на одговорност (како што е „Хашката група“) и преку ембаргата за оружје, како оние воведени од Туркије. 

Доколку овие потези продолжат и се интензивираат можеби има надеж. 

Но тоа исто така значи да се разбере дека проблемот е многу подлабок од Бенјамин Нетанјаху и неколкумина од неговите најгласни и најнасилни министри.

Извор: АА

Забелешка: Ставовите изразени во овој напис му припаѓаат на авторот и не ја одразуваат нужно уредувачката политика на ТРТ Балкан

Повеќе
Израелски министер рече дека доколку Египет го нападне Израел, „нема да го има Синај“
Гутереш: Прекинот на огнот во Газа не донесе безбедност, поребна е целосна посветеност
Двајца загинати во Москва по ноќните напади со дронови
Нов упад на израелските сили во сириска Кунејтра
Трамп: Имаме многу добри односи со Србија
Процена на ЦИА: Постои ризик од граѓанска војна во Израел и распад одвнатре
Трамп одобри смртна казна со стрелање за напаѓачот од Форт Худ
Полицијата со солзавец ги растера демонстрантите кои го блокираа косовското Собрание
Палестинец убиен, петмина повредени во напади на израелската армија и доселеници на Западниот Брег
Одбранбената алијанса од Мека го активира колективното одвраќање против нападите на Хутите
Франција: Средношколец остана без дланка од шок граната во судирите со полицијата
Шпанскиот премиер Санчез распиша предвремени избори
Туркије остро ги осуди активностите на Израел во сириската покраина Кунејтра
Ердоган: Туркије нема да се откаже од своите вселенски амбиции
Сијарто негира коруптивна поврзаност со инвестициите на кинески Би-Вај-Ди