| Macedonian
ПОЛИТИКА
3 мин читање
Криза во израелската опозиција- Демократите на Голан ги прекинаа преговорите со мандатарот Ајзенкот
Авигдор Либерман, лидерот на Израел наш дом, ја исклучи можноста за формирање коалиција со арапските партии што го налути лидерот на Демократите, Голан, кој му порача на мандатарот дека така нема да го соборат Нетанјау како што ветиле на гласачите
Криза во израелската опозиција- Демократите на Голан ги прекинаа преговорите со мандатарот Ајзенкот
Ајзенкот има рок до 6 декември да се обиде да формира влада, со можност за продолжување на рокот за уште 14 дена / Reuters (Wire)
 

Поранешниот началник на израеслката армија, Гади Ајзенкот се соочи со нов неуспех во обидот да формира влада и да го собори израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху откако левичарската политичка група ги прекина коалициските разговори, дополнително комплицирајќи го неговиот пат до власт.

Најавата на левичарската партија Демократите дека ги прекинуваат разговорите со Гади Ајзенкот дојде откако неговата партија, Јашар, објави дека постигнала договор за коалиција со десничарската партија Израел наш дом, чија поддршка се смета за клучна за шансите на Ајзенкот да формира влада.

Коалициските разговори доаѓаат по нестабилните избори на 27 октомври на кои ниту Ајзенкот ниту партијата Ликуд на Нетанјаху не обезбедија доволно пратеници за да дојдат на власт.

Ајзенкот има рок до 6 декември да се обиде да формира влада, со можност за продолжување на рокот за уште 14 дена.

Потенцијалните партнери на Ајзенкот, вклучувајќи го и Авигдор Либерман, лидерот на Израел наш дом, ја исклучија можноста за формирање коалиција со арапските партии што би можело да им обезбеди парламентарно мнозинство.

Тоа го налути лидерот на Демократите, Јаир Голан, кој го повика Ајзенкот да склучи договор со партиите што го претставуваат арапското малцинство во Израел, кое сочинува 21% од населението, за да се исполни предизборното ветување за соборување на Нетанјаху, најдолгогодишниот премиер на Израел.

Голан е исто така незадоволен од преговорите на Ајзенкот со десничарската партија Ликуд на Нетанјаху и ултраортодоксните политички групи, кои се обидуваат да ја испитаат можноста за формирање влада на национално единство.

Партијата на Ајзенкот изјави дека нејзините преговори со Ликуд и ултраортодоксните групи одразуваат искрена посветеност на формирање што е можно поширока влада и дека ќе ги разгледа сите опции за да избегне нови избори.

Во соопштение објавено доцна во вторникот, демократите на Голан објавија дека ги прекинуваат коалициските разговори со партијата Јашар, велејќи дека мора да ја исклучат можноста за влада на национално единство.

„Во последните денови, со загриженост следевме како преговорите со Ликуд и ултраортодоксните партии го одредија целиот тек на преговорите“, рекоа демократите.

Нетанјаху останува премиер додека преговорите продолжуваат

Во меѓувреме, Јашар и Израел Наш Дом објавија дека постигнале договор за коалиција, прв таков договор откако на Ајзенкот му беше даден мандат да се обиде да формира влада на 8 ноември.

Партиите што треба да го сочинуваат блокот на Ајзенкот, вклучувајќи ги Демократите и Израел Наш Дом, освоија 48 места на изборите, што е значително помалку од мнозинството во Кнесетот, кој има 120 места.

Секое евентуално отстапување од овој сојуз дополнително би го комплицирало патот на Ајзенкот до власт.

Нетанјаху и неговиот традиционален сојуз на крајнодесничарски и ултраортодоксни партии освоија 53 места, исто така недоволно за мнозинство.

Партиите што го претставуваат арапското малцинство освоија рекордни 19 места, за што, според нив, придонесоа расистичките политики на владата на Нетанјаху, истакнува Ројтерс.

Израелскиот претседател му го даде на Ајзенкот мандатот да се обиде да формира коалиција откако арапските партии го поддржаа како најдобар кандидат за премиер.

Доколку не успее да формира влада, мандатот веројатно ќе му биде вратен на Нетанјаху. Доколку и тој не успее, веројатно ќе следат нови избори.

Нетанјаху технички останува премиер додека траат разговорите за коалиција, како и за време на евентуални нови избори.

Повеќе
Поранешниот шеф на Мосад се соочува со протест во германскиот парламент
Во Истанбул започна 12. издание на Светскиот самит за халал стопанство и Халал експо
Во Брисел самит на ЕУ и Западен Балкан, главна тема е постепената интеграција
Фон дер Лајен најави силен европски тим на следната рунда преговори за Украина
Кибер напад откри некласифицирани податоци од ЦИА и американското разузнавање
Трамп помилува две мисирки по повод Денот на благодарноста
Кина и Камбоџа започнаа 15-дневна заедничка воена вежба
Хутите изведоа напади врз финансискиот кварт во Ријад и нафтена рафинерија
Трамп може да војува со Иран додека демократите не го сменат буџетот
Израел го прекршил примирјето во Газа 6.405 пати и убил 1.690 Палестинци
Ен-Би-Си њуз: Администрацијата на Трамп размислува за атентати врз високи ирански функционери
Путин: Одговорот на Русија на украинските напади врз рафинериите за нафта е неизбежен
Петмина загинати во пад на турски воен хеликоптер за време на лет за обука
На државите им е дозволено да враќаат мигранти инструментализирани од други земји, пресуди ЕСЧП
ОН: Околу 47.000 жени и девојки убиени од интимни партнери или членови на семејството во 2025 година