Хутите соопштија дека извршиле две воени операции насочени кон рафинерија за нафта во источна Саудиска Арабија и финансиски центар во Ријад.
Јахја Сари воениот портпарол на Хутите, изјави дека првата операција била насочена кон рафинеријата за нафта Рас Танура во источната покраина на Саудиска Арабија. Тој тврди дека нападот бил „директен“ и предизвикал „пожари во објектот“.
Сари рече дека втората операција била насочена кон финансискиот центар во економскиот кварт „Крал Абдула“ во Ријад во три фази. Тој тврди дека е предизвикана „значителна штета“.
Сари вети дека милитантната група „ќе ги продолжи своите воени операции против Саудиска Арабија“ и се закани со „понатамошни напади“ врз кралството.
Претходно, коалицијата предводена од Саудиска Арабија соопшти дека саудиската воздушна одбрана пресретнала и уништила четири дронови над Рас Танура во источната покраина на кралството.
Најновите напади се случија во услови на зголемени тензии меѓу Хутите и коалицијата предводена од Саудиска Арабија. Еден ден претходно, напад со беспилотно летало беше насочен кон кула во финансискиот кварт „Крал Абдула“ во Ријад, при што беа повредени 11 лица.
Портпаролот на коалицијата, генералот Турки ал-Малики, ги обвини Хутите за нападот и вети цврст одговор.
Саудиска Арабија предводи воена коалиција што ја поддржува меѓународно признатата влада на Јемен против Хутите од 2015 година. Групата го зазеде главниот град Сана и други делови од земјата во 2014 година.














