Mакедонската стратешка цел останува непромената - полноправно членство во ЕУ, при што во процесот на преговори, доследно да се применуваат европските правила, принципи и вредности: еднаквост, правна сигурност и пристапување засновано врз заслуги, истакна претседателката Гордана Силјановска-Давкова во обраќањето на заедничката седница на Комисијата за европски прашања и Националниот совет за евроинтеграции, на која се дебатира за Извештајот на ЕК за Македонија за 2026 година.
Според претседателката, за нашиот напредок клучни се четири димензии.
„Сметам дека недоволна предвидливост на понатамошниот процес на пристапување, недоволно јасна граница меѓу критериумите за членство и билатералните политички прашања, отсуство на доволно институционални гаранции дека исполнувањето на договорените услови ќе овозможи реален напредок во преговорите и воопшто во самиот процес и политичката одредница за уставни измени од годишниот извештај за 2022 година“, вели Силјановска Давкова.
Според неа, сите заедно, и ние и нашите соседи и нашите европски партнери, мора да сториме нешто за да излеземе од лавиринтот.
„Секој што ќе тврди дека се работи само за уставни измени, сметам дека не е искрен. Или има намера, или нема желба да ја разбере позадината на нашата загриженост. Во оваа смисла, сакам да посочам дека мојата порака кон сите наши соседи е дека добрососедските односи мора да бидат мост кон ЕУ, а не инструмент за неодредено одложување на европската перспектива на соседот. Во добра волја, со меѓусебно почитување и реципроцитет, да го употребам говорот на основните конститутивни акти на Европската Унија, да се слушнеме, да се обидеме да се разбереме и кога не се согласуваме, да не се надвикуваме, оти од високите тонови нема да се чујат умните и мудрите. Ги има од двете страни на границата, кај сите соседи, да им дадеме простор да се искажат“, нагласи Силјановска-Давкова.
Нејзината порака кон сите наши соседи е дека добрососедските односи мора да бидат мост кон ЕУ, а не инструмент за неодредено одложување на европската перспектива на соседот.
„Од Европската Унија очекувам јасно да предочи дека билатералните прашања што не се поврзани со критериумите за пристапување не треба да бидат дел од преговорите и дека тој принцип мора да има реална институционална примена“, рече претседателката.

















