Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, државниот јавен обвинител Ненад Савески и министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски денеска учествуваа на работен состанок во Јавното обвинителство на Македонија, за зајакнување на меѓуинституционалната координација за поефикасно справување со случаите на семејно насилство.
На состанокот е договорено воспоставување механизми за итно и ефикасно постапување, имајќи ги предвид сериозноста на оваа појава и загрижувачките трендови.
Трите институции утврдија приоритетни активности насочени кон навремена превенција, заштита и згрижување на жртвите, како и поефикасно откривање и кривично гонење на сторителите.
Согласно договорениот начин на постапување, МВР веднаш по приемот на пријава за семејно насилство ќе го известува надлежното јавно обвинителство, по што јавниот обвинител ќе организира и координира тим составен од полициски инспектори и стручни лица од центрите за социјална работа.
Во рамки на координираното постапување, ќе се обезбедуваат навремени вештачења и стручни мислења за евентуалните повреди, ќе се врши проценка на ризиците за жртвите и ќе се прибираат сите неопходни докази, со цел јавниот обвинител во најкраток можен рок да донесе одлука за кривично гонење на сторителите.
На состанокот беше договорено и воспоставување контакт-точки во сите три институции, односно определување одговорни лица кои ќе бидат постојано достапни за итна комуникација, координација и давање насоки за постапување. На овој начин ќе се овозможи примена на усогласени и стандардизирани процедури, со што ќе се избегнат непотребни одложувања и ќе се обезбеди побрза институционална реакција.
Министерството за внатрешни работи останува целосно посветено на бескомпромисна борба против семејното насилство, со посебен акцент на навременото препознавање на ризиците, спречувањето на повторно насилство и обезбедувањето ефикасна заштита на жртвите.
Со договорените мерки се зајакнува заедничкото постапување на полицијата, обвинителството и центрите за социјална работа, со цел секоја пријава за семејно насилство да добие брз, координиран и професионален институционален одговор, а сторителите навремено да бидат изведени пред лицето на правдата.

















