2 700 километри низ седум држави за 27 дена во тура околу Јадранот. Коста Тахов и Баже Миров тргнаа од Велес, патуваа преку Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, стигнаа до Италија и се вратија назад.
Партувањето го започнаа на 17 септември, а се вратија на 14 октомври. Во разговор за ТРТ Балкан ги пренесуваат впечатоците од ова искуство.
„ Секој ден во текот на возењето имавме предизвици со кои се соочувавме, како планини кои треба да ги искачиме, лоши патишта, оф роуд патишта каде што нема асфалт и треба да возиме по земјен пат. Исто така имаше предизвици од дожд од силен ветер, од сообраќај на некои делови”, раскажува Баже Миров кој трета година се занимава со велосипедизмот.
Тешкотииите не биле поврзани со возењето.
„Најтешките моменти за совладување на ова возење беа каде ќе се спие, што ќе се јаде, каде ќе најдеш вода за пиење. А секој ден имавме убави моменти. Секој ден имаш нови погледи, нови пејзажи, нови патишта, запознаваш нови луѓе. Со нас на велосипедите имавме шатори кои ги носевме и ги поставувавме каде што немаше можност да не примат луѓе”, вели Баже.
Не секогаш успевале да најдат сместување.
„Имаше ситуации каде што не можевме да најдеме сместување па кампувавме на диво. Во Италија бевме одлично примени од сите, во Хрватска потешко наоѓавме сместување, но бевме примени од Македонци”, раскажува Тахов кој велосипедот го користи секојдневно.
Различни се искуствата од сообраќајот во државуте низ кои се движеле.
„Во Италија доста внимателно возат шоферите. И Словенија исто така. Хрвстска е многу лоша за велосипедисти. Не очекував толку. Премногу блиску поминуваат со камиони до нас без никакво предупредување. Албанија многу чудно ми беше што беа премногу внимателни. И Македонија исто како Хрватска”, вели Тахов
Миров и Тахов немаат конкретни планови за иднина, но и двајцата ја споменуваат Азија.

















