| Macedonian
ПОЛИТИКА
5 мин читање
Песков: Украина ќе добие „болен“ одговор на нападите врз руските бродови во Либија и Балтичкото Море
Имаме намера да иницираме комуникација со Европејците за да разбереме колку се подготвени да придонесат за мировните напори и до кој степен нивната позиција одговара на целта за воспоставување пат за мирно решение, истакна портпаролот на Кремљ
Песков: Украина ќе добие „болен“ одговор на нападите врз руските бродови во Либија и Балтичкото Море
Песков негираше дека Русија ќе ланира сателит со нуклеарно оружје до крајот на годината / reuters
 

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ја опиша операцијата на Украина против руски воен брод крај брегот на Либија, како и нападите на Киев врз руски товарни бродови во Балтичкото Море, како „многу опасен тренд“.

Коментирајќи на прес-конференцијата во понеделник во Москва за објавата на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека украинските сили ја потопиле руската корвета „Меркури“ крај брегот на Либија, Песков рече дека Кремљ ја забележал неговата изјава.

„Министерството за одбрана се занимава со ова прашање, а информации ќе бидат доставени и преку Министерството за одбрана доколку се смета за соодветно“, рече тој.

Песков додаде дека Русија ја продолжила својата воена операција во Украина како одговор на нападите.

„Нашиот воен персонал продолжува секојдневно да извршува големи, сеопфатни напади врз воената инфраструктура во Украина. Оваа практика има многу болни последици за режимот во Киев“, рече тој, додавајќи дека Русија ќе продолжи со овој курс во согласност со неодамнешните изјави на претседателот Владимир Путин.

Зеленски на американската платформа за социјални медиуми X изјави дека украинските морнарички беспилотни летала го потопиле „Меркури“ и погодиле товарен брод, а дека бил уништен и воен хеликоптер.

Претходно беше објавено дека корветата била погодена во сомнителен напад со морски дрон додека била закотвена во пристаништето Бенгази во источна Либија.

Локалните власти соопштија дека нападот предизвикал експлозија и пожар, сериозно оштетувајќи го бродот и повредувајќи најмалку 10 руски и либиски членови на екипажот.

Администрацијата на Либија, со седиште во источниот дел, соопшти дека бродот застанал за полнење гориво и снабдување додека се враќал во Русија, додавајќи дека е започната заедничка истрага со Москва.

Стравови од регионална ескалација

Мисијата на ОН во Либија, исто така, изрази „сериозна загриженост“ поради нападите, повикувајќи на „итна, независна и транспарентна истрага“.

„Либија не може да си дозволи и не смее да стане бојно поле за странски конфликти“, напиша УНСМИЛ на X.

Во меѓувреме, Германија, исто така, предупреди против ескалација во регионот на Балтичкото Море по наводниот украински напад со беспилотно летало врз руски товарен брод во Финскиот Залив.

„Исто така, ги следиме нападите врз руските бродови во Финскиот Залив во Балтичкото Море. И таму гледаме зголемување на воената активност. Немаме интерес да видиме ескалација во регионот на Балтичкото Море. Стабилноста и безбедноста во овој регион се од најголема важност за нас“, изјави портпаролот на владата Стефан Корнелиус на прес-конференција во Берлин.

На прашањето дали германската страна им кажала на Украинците дека не треба да дозволат конфликтот да се шири географски, Корнелиус рече: „Ја изразивме нашата загриженост за стабилноста и сакаме да го оставиме тоа така“.

Москва ќе ја процени подготвеноста на Европа за мир

Запрашан за нова рунда разговори за украинското решение со учество на претставниците на ЕУ, Песков рече дека Русија има намера да иницира контакти со европските земји за да утврди дали се подготвени да придонесат за мирот во Украина, наместо да го продолжуваат конфликтот.

„Имаме намера да иницираме комуникација со Европејците за да разбереме колку се подготвени да придонесат за мировните напори и до кој степен нивната позиција одговара на целта за воспоставување пат за мирно решение“, истакна тој.

Функционерот додаде дека Москва сака да утврди дали таканаречената „Коалиција на волјата“ е коалиција што бара мир или е коалиција што бара да се продолжи војната.

Осврнувајќи се на ситуацијата во украинскиот град Костјантинивка, Песков рече дека ставот на Москва за предложената заедничка хуманитарна операција не се променил, додавајќи дека Русија не добила одговор од Киев.

Тој рече дека иницијативата останува релевантна, тврдејќи дека изјавите на Зеленски и други украински функционери сугерираат дека Киев не е подготвен да продолжи со таков договор.

Песков тврдеше дека руските сили продолжуваат со напорите за помош при евакуација на цивилите од областа.

Во врска со замрзнатите руски средства и нивната потенцијална употреба во Европа, тој рече дека и имобилизацијата на средствата и употребата на приходите генерирани од нив се нелегални.

„Ќе ги искористиме сите расположиви правни средства за да ги одбраниме нашите права“, рече тој.

Песков додаде дека Москва е свесна дека организацијата за управување, Еуроклир (Euroclear), смета дека запленувањето на замрзнатите руски средства од страна на европските земји е правно невозможно.

Функционерот, исто така, го пофали белгискиот премиер Барт де Вевер за „цврста и избалансирана позиција“, истакнувајќи ги неговите предупредувања за потенцијалните правни последици за оние кои се вклучени во одлуките за конфискација и користење на средствата.

„Доколку ова некогаш се случи, ќе ги гониме сите вклучени во согласност со законот“, рече тој.

Запрашан за извештаите на германските медиуми кои тврдат дека Русија се подготвува да лансира сателит со нуклеарно оружје во орбитата пред крајот на годината, Песков изјави дека не е запознаен со таквите информации.

„Не сме ги виделе тие извештаи“, рече тој.

Претходно, неколку германски медиуми, повикувајќи се на западни разузнавачки и воени проценки, објавија дека Русија се подготвува да лансира сателит наречен „Спутник-С“, кој би носел нуклеарно оружје.

Според извештаите, леталото наводно веќе е составено и се чува во Русија.

Осврнувајќи се на прашањето за руско-кинеската економска соработка, Песков изјави дека соработката во енергетскиот сектор останува редовна точка на дневниот ред меѓу двете земји, иако тој сектор стана особено чувствителен.

„Постојано работиме со нашите кинески пријатели на проширување на оваа соработка“, рече тој.

Повеќе
Ревизија на зелените карти во САД: Какви промени има за работодавците и странските работници?
Соседи без врата: Туркије и Ерменија размислуваат што би донела отворената граница
Колку мините во Ормускиот Теснец реално претставуваат закана за пловидбата?
Александар Чупиќ доби покана да ја претставува Србија на Самитот со ЕУ
МВР, МТСП и ЈО: Брза заштита за жртвите и решителен прогон на семејните насилници
Протести пред македонската Влада поради зголемениот број фемициди со конкретни барања
ЕУ и Велика Британија договорија подлабока безбедносна соработка
Претседателските избори во Србија ќе бидат распишани до 27 ноември
350 палестински деца во израелските затвори соочени со тортура и глад
Мерц: Оваа зима за Украина ќе биде најтешка од почетокот на војната
Емине Ердоган повика на глобална заштита на правата на децата со фокус на Газа
Илјадници луѓе протестираат низ цела Италија поради платите и јавните услуги
Договрена соработка со Универзитетот Тракија и обука за македонските здравствени работници
Германските индустриски работници започнаа први целодневни предупредувачки штрајкови по осум години
Турскиот брод Оруч Реис пристигна во Пакистан за да започне сеизмички истражувања