Неформалната граѓанска иницијатива „Ниту една повеќе!“, со транспаренти по зголемениот број фемициди и листата на барања за спречување на истите, ги започна протестите пред македонската Влада
„Гневни и бесни сме на сите кои ја хранат културата на насилство во ова општество, на секое непостапување на полицијата, на секоја пријава која завршува во фиока и на секое релативизирање на насилството како мал престап“, порачаа од иницијативата.
Од „Ниту една повеќе!“ истакнуваат дека протестот се одржува во година во која седум жени беа брутално убиени, додека евидентираните пријави за семејно насилство бележат пораст од 70 проценти, достигнувајќи рекордни 1.897 случаи.
Од иницијативата најавија дека ќе продолжат со протестите и блокадите сè додека не се исполнат условите за безбеден живот, меѓу кои итно постапување, транспарентни и правични судски постапки и соодветни казни за насилниците и убијците.
Демонстрантите бараат и итно утврдување индивидуална и институционална одговорност за сите случаи на фемицид, вклучително и последниот случај со 17-годишната девојка од Богданци, како и независни проверки на постапувањето на надлежните институции.
Меѓу барањата се и усвојување до 10 декември на измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, како и усвојување на пакетот измени на осум закони, меѓу кои Законот за полиција и Законот за семејство.
Иницијативата бара и најмалку 200 милиони денари во буџетот за 2027 година за специјализирани услуги за заштита и поддршка на жртвите на насилство, како и повлекување на измените за кои смета дека ја ослабнале заштитата од дискриминација, родовата еднаквост и превенцијата од родово базирано насилство.













