Иран ги отфрли американските обвинувања дека Техеран развива биолошко или хемиско оружје, посочувајќи на широко побиените тврдења на САД пред војната во Ирак во 2003 година дека Багдад поседувал оружје за масовно уништување.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаеи, на американската платформа за социјални медиуми Х постави прашање дали Вашингтон очекува меѓународната заедница да го заборави обраќањето на тогашниот американски државен секретар Колин Пауел пред Советот за безбедност на ОН во февруари 2003 година, во кое изнесе тврдења за наводното оружје за масовно уништување на Багдад.
Тие тврдења беа искористени за оправдување на војната во Ирак што САД ја започнаа следниот месец.
„Очигледно, од светот повторно се очекува да доживее колективна амнезија- слично како Дори, заборавната риба од анимираниот филм 'Барајќи го Немо'“, рече тој, алудирајќи на репутацијата на рибите како животни што лесно забораваат.
Тој истакна дека обвинувањата против Ирак биле искористени за да се создаде јавна поддршка за инвазијата во 2003 година, чии последици биле катастрофални- „не само за ирачкиот народ, туку и за поширокиот регион и, на крајот, за самото американско општество“.
„Сега повторно се соочуваме со нови вознемирувачки обвинувања“, рече Багаеи, додавајќи дека наративот изгледа како да го следи „исто измамничко сценарио“.
„Прашањето е: дали светот научи нешто од катастрофалните лекции од 2003 година или повторно ќе дозволиме во големи размери да ја измамат јавноста?“, додаде тој.
Тој ги даде овие изјави откако американскиот претседател Доналд Трамп во средата за „Фокс њуз“ изјави дека постојат индикации оти Иран можеби работи на развој на биолошко или хемиско оружје, поради штетата што ѝ била нанесена на неговата нуклеарна програма.
Претходно Трамп се повика на наводната нуклеарна закана од Иран за да го оправда почетокот на американско-израелската војна против Техеран во февруари годинава.













