Во пограничното село Ахурик, на само неколку чекори од затворените жичени огради што ја делат Ерменија од Туркије, 64-годишниот земјоделец Артјом Мкртчјан сè уште се сеќава на далечното татнење на товарните возови од пред неколку децении.
„Затворените патишта не се добри, отворените патишта се добри“, вели Мкртчјан, присетувајќи се на времето кога возовите пренесувале стока преку границата.
Како и многу жители на ерменската провинција Ширак, тој ја гледа железничката линија Карс-Ѓумри, која долго време е неактивна, како можен извор на работни места, иако останува претпазлив во однос на конкуренцијата што би можеле да ја донесат поблиските економски врски.
Туркије и Ерменија делат граница долга околу 300 километри, но немаат официјални дипломатски односи. Анкара ја затвори границата и ги прекина врските со Ерменија во 1993 година, давајќи му поддршка на Азербејџан за време на Првата војна во Карабах.
Повеќе од три децении подоцна, процесот на нормализација, што двете соседни земји го започнале во 2022 година, ги оживеа старите спомени и поттикна нови пресметки од двете страни.
Оттогаш, Туркије го отвори патот за директна трговија, дозволувајќи стоката да има ознака за дестинација или потекло „Ерменија“. Лидерите на двете земји, исто така, се сретнаа неколку пати, а последен пат тоа се случи минатата недела, за време на самитот на ОН за климата (КОП31).
Иако турските претставници велат дека подготовките за повторно отворање на патните и железничките премини се завршени, Анкара инсистира на тоа дека отворањето на границата зависи од конечниот мировен договор меѓу Ерменија и Азербејџан- услов што таа долго време го поставува како предуслов за нормализација на односите со Ереван.

Иако цел живот живее во близина на Туркије, Мкртчјан никогаш не ја преминал границата, ниту пак запознал некој од другата страна. Тој раскажува дека во советско време, возовите сообраќале преку границата што го делела СССР од една земја-членка на НАТО, но патувањето за обичните луѓе било строго ограничено.
Сепак, кога го прашаа како би се чувствувал доколку границата повторно се отвори, тој без двоумење одговори: „Многу позитивно“.
Заобиколен пат преку Грузија
Во Карс, турски град во близина на границата со Ерменија, Ердем Абакај, менаџер на туристичка агенција, знае колку затворената граница може да го искомплицира патувањето, кое инаку би било кратко.
Неговата компанија, Фунда травел (Funda Travel), организира регионални тури, вклучително и патувања во Ерменија. Бидејќи директните гранични премини се затворени, патниците обично мораат да прават долг заобиколен пат преку соседна Грузија за да стигнат до ерменскиот град Ѓумри.
Патувањето вклучува дополнителни трошоци за гориво, тешки патишта и потенцијално долго чекање на граничните премини.
„Зошто би претворил патување од еден час во патување од пет часа?“ вели Абакај. „Така размислуваат луѓето.“
Тој додава дека дури и новите автобуси се расипуваат на тие патишта, а клиентите се незадоволни од патувањето.
Абакај пораснал слушајќи за некогашната прекугранична трговија од својот татко, кој бил трговец.
Тој раскажува дека пред затворањето на границата, луѓето патувале со воз, па дури и со запрежни коли. Од ерменска страна пристигнувале теписи и черги, додека од Туркије се испраќале стоки како шеќер и масло за готвење.
Постарите жители на Карс се сеќаваат на т.н. „трговија со куфери“ што се одвивала преку железницата, при што двапати неделно во градот се организирале пазари за продажба на таа стока.
„Тоа е огромна загуба, особено за источните градови Карс, Ардахан и Игдир“, вели тој.
За Абакај е важно кој граничен премин ќе се отвори прв. Голем дел од дискусиите се фокусирани на преминот Алиџан во провинцијата Игдир, кој се наоѓа спроти ерменскиот премин Маргара и е поблиску до Ереван.
Сепак, Абакај смета дека приоритет треба да има преминот Догукапи, во близина на Карс, предупредувајќи дека отворањето само на Алиџан би го пренасочило туристичкиот сообраќај кон Игдир.
„Тоа нема да му донесе корист на овој град“, додава тој.
Трговија преку затворена граница
Од другата страна на границата, во Ѓумри, Карен Гомцјан ги чувствува трошоците од заобиколниот пат при секоја пратка предиво.
Како сопственик на текстилната фабрика Лентекс (Lentex), тој набавува турско предиво преку посредници од Грузија, сложен ланец на снабдување кој ги зголемува трошоците и ја отежнува контролата на квалитетот.
„Ако покажеме дека цената доаѓа директно од Туркије... и дека е исто така одобрена од Стопанската комора во Туркије, тоа би било добро за нашите увозници“, рече тој.

Гомцјан, кој исто така претседава со Стопанско-индустриската комора на Ширак, бил меѓу ерменските деловни претставници кои во јуни отпатувале во Карс на разговори со своите турски колеги.
За неговата компанија, најголемата разлика би произлегла од повторното активирање на железничката линија Карс- Ѓумри.
„Тоа е поевтино отколку со автомобил или камион. Сметам дека трошоците за транспорт со камиони од Истанбул до овде се многу високи во денешно време. Преку железница, мислам дека би биле многу помали“, рече тој.
„Знам дека постои голема конкуренција“, додава тој, мислејќи на турските текстилни гиганти. Но тој верува дека конкуренцијата исто така може да ги поттикне ерменските производители да станат поефикасни.
Нерсес Караманукјан, прв потпретседател на Унијата на производители и бизнисмени на Ерменија (УMБA), изјави дека трговската размена меѓу двете земји продолжила и покрај затворената граница, главно преку Грузија.
Тој процени дека Ерменија увезува турска стока во вредност од околу 400 милиони долари.
Во меѓувреме, податоците од Турското собрание на извозници покажуваат дека Тукије, во периодот од јануари до август 2026 година, остварила директен извоз во Ерменија во вредност од само 1,3 милиони долари.
„Некои бизниси беа принудени да отвораат компании во Грузија и оттаму повторно да ја извезуваат стоката во Ерменија“, рече тој. „Денес можеме да работиме директно. А ако границите се отворат, на бизнисите ќе им биде многу полесно да соработуваат.“
Според него, ерменските производители би можеле да најдат пазари и во источна Туркије, каде што одредени земјоделски производи се транспортираат од други делови на земјата, поминувајќи значителни растојанија.
Неговата организација со децении одржува контакти со турски бизниси, вклучително и преку билатерален совет за развој на бизнисот, основан во 1997 година.
Во Истанбул, најголемиот град и трговски центар во земјата, овие врски остануваат главно неистражени за производителите во Организираната индустриска зона „Дудулу“.
Претседателот на зоната, Бахри Мурат Онај, изјави дека во неа работат повеќе од 2.300 бизниси кои обезбедуваат над 50.000 работни места, но дека сè уште немаат воспоставено деловни врски со ерменски компании.
Сепак, тој посочи дека поблиските контакти би можеле да им помогнат на бизнисите да ги идентификуваат областите во кои нивните капацитети и потреби се надополнуваат.
„Не знаеме многу за динамиката- во што сте силни, каде ви е потребна помош и каде ние можеме да ви помогнеме“, им рекол Онај на ерменските новинари, кои неодамна ја посетиле Туркије во рамките на медиумска тура со учесници од двете земји.
„Преку овие односи, секако, може да се појават области во кои би можеле да соработуваме во иднина.“
Светските сили ги набљудуваат трговските маршрути во јужен Кавказ
Аналитичарите велат дека влогот е поголем и ги надминува границите на двете соседни земји.
Непосредниот пограничен регион се наоѓа на крстосницата на транспортните мрежи што ги поврзуваат Европа, Кавказ и Централна Азија.
Тој добива на важност во напорите за диверзификација на трговските маршрути меѓу Азија и Европа, особено преку Транскасписката меѓународна транспортна маршрута, попозната како Среден коридор.
Нигар Гоксел, директорка за Туркије и Кипар во „Меѓународната кризна група“ (International Crisis Group), изјави дека целосна нормализација би помогнала во повторното поврзување на пазарите низ регионот и, со текот на времето, во градењето доверба и меѓузависност меѓу соседите.
„За Туркије, заживувањето на економиите во нејзините источни провинции претставува опиплива можност“, објасни таа. „За Ерменија, пак, диверзификацијата на ограничените транспортни опции и намалувањето на зависноста од Русија би биле значајни придобивки.“
Војната меѓу Русија и Украина го засили интересот на ЕУ за трговски и енергетски рути што ја заобиколуваат руската територија, вели Гоксел.
САД, исто така, го проширија својот ангажман преку иницијативата Трамп маршрута за меѓународен мир и просперитет (Trump Route for International Peace and Prosperity- TRIPP), предложена транспортна иницијатива во која се вклучени Ерменија и Азербејџан.
И Кина бара алтернативи, бидејќи ризиците се зголемуваат долж воспоставените рути што минуваат низ Русија, како и во областа околу Црвеното Море и Ормускиот Теснец, вели таа.
„Средниот коридор стана поатрактивна дополнителна опција, иако неговиот капацитет и комерцијална конкурентност се сè уште ограничени“, вели Гоксел.
„Пекинг, исто така, го гледа јужен Кавказ како продолжување кон запад на својот обемен инфраструктурен ангажман во Централна Азија... каде што стратешкото ривалство меѓу големите сили се интензивира“, додаде таа.
Во пограничното село Ахурик, таквите карти изгледаат многу далечни. За Мкртчјан, она што е важно е железницата и прашањето дали границата, преку која некогаш се одвивал само товарен сообраќај, еден ден би можела да овозможи и премин на луѓе.
„Како и да е“, вели тој, „тоа ќе отвори работни места.“
Извор: АА













