| Macedonian
ПОЛИТИКА
8 мин читање
Колку мините во Ормускиот Теснец реално претставуваат закана за пловидбата?
Иран ја задржува можноста да поставува дополнителни мини, да остави некои од нив да лебдат или да користи комерцијални бродови, но тоа носи ризици, мините може да бидат исфрлени на брегот или да удрат во бродови поврзани со Иран, велат експерти
Колку мините во Ормускиот Теснец реално претставуваат закана за пловидбата?
Бродскиот сообраќај низ Ормуз е сè уште на ниско ниво во споредба со периодот пред конфликтот, иако обемот на транспорт на нафта донекаде се опоравил / Others
 

Поморските мини, за кои постои широко распространето верување дека се поставени од Иран во критичниот Ормуски Теснец, се појавија како една од најголемите закани за поморскиот сообраќај низ овој стратешки воден пат, преку кој, пред почетокот на американско-иранскиот судир кон крајот на февруари, се одвиваше една петтина од глобалниот транспорт на енергенси.

Од февруари наваму, најмалку 25 поморци ги загубија животите, а неколку танкери за нафта потонаа, додека САД и Иран водат исцрпувачка војна за контрола врз Ормускиот Теснец.

Како резултат на тоа, бројот на бродови што поминуваат низ теснецот останува значително под нивото од пред војната, кога дневно поминуваа околу 125 до 140 бродови.

Овој судир, кој повремено се интензивира, а повремено стивнува, доведе до зголемување на трошоците за осигурување од воени ризици, иако во последните месеци обемот на транспорт на нафта делумно се опорави.

Според Александру Кристијан Худистеану, експерт за поморска безбедност со седиште во Доха, американската морнарица „постојано го надгледува“ теснецот и работи на тоа меѓународно признатиот систем за раздвојување на сообраќајот (познат како TСС) да остане „чист од мини“.

„Со други зборови нивото на доверба на американската морнарица е многу високо“, изјави тој за TРТ Ворлд, осврнувајќи се на постојаните уверувања што Вашингтон им ги дава на бродските компании дека водниот пат е без мини.

Минатиот месец, командантот на Централната команда на војската на САД (ЦЕНТКОМ) адмирал Бред Купер, изјави дека главните транзитни рути „остануваат слободни и без ирански поморски мини“, откако американските сили ги расчистија патиштата што претходно беа минирани од иранската Револуционерна гарда ИРГЦ).

Од ЦЕНТКОМ наведоа дека од летото наваму, обезбедиле поддршка за повеќе од 3.000 комерцијални премини и овозможиле извоз на над 1,5 милијарди барели сурова нафта. Според нивните податоци, повеќе од 95% од пловилата безбедно поминале низ теснецот, и покрај активностите на Револуционерната гарда.

ПоврзаниTRT Balkan - Што значи за регионот откривањето на подземниот „ракетен град“ во Иран

Сепак, Худистеану предупредува дека операциите за деминирање „никогаш не се совршени“. 

„Операциите за контрамерки против мини, особено деминирањето, не се „чист“ бизнис... довербата никогаш не е 100 проценти откако ќе се минира простор“, вели тој.

Секоја препорака за продолжување на морскиот сообраќај не се издава лесно, вели тој.

Дури и еден потврден инцидент може сериозно да ја наруши довербата во операциите на американската морнарица, вклучително и нејзиното превезување на бродови, додава тој.

Што тврди Иран

За разлика од тврдењата на САД за слободното движење на танкери низ Ормускиот Теснец, Иран нуди поинакво објаснување.

ИРГЦ тврди дека во последните недели се случуваат речиси секојдневни инциденти во кои танкери за нафта удираат во поморски мини, додека се обидуваат да го користат она што Техеран го нарекува „неовластен“ јужен пат - алтернативно наречен Омански коридор или премини усогласени со TСС.

Техеран го отфрла јужниот премин што го претпочитаат САД. Инсистира дека бродовите треба да го користат северниот коридор под иранска контрола откако ќе добијат дозвола.

Бродовите што се обидуваат да ја поминат јужната рута честопати го прават тоа откако ќе ги исклучат своите транспондери, што значи дека нема емитување на податоци во реално време, како што се позицијата, идентитетот и брзината на бродот.

Исто така, ваквите комерцијални бродови наводно се движат под американско водство или воздушна покривање.

Во вторник, иранските државни медиуми објавија дека четири брода се запалиле откако налетале на морски мини во различни делови од Ормускиот Теснец.

Сепак, повеќето од овие тврдења остануваат непотврдени бидејќи иранските власти јавно не ги идентификувале имињата или знамињата на вклучените бродови.

Худистеану забележува дека многу од инцидентите за кои се тврди не се совпаѓаат со класичните модели на штета од мини.

„Инцидентите за кои се тврди никогаш не покажале модели на штета слични на мини: структурно оштетување на бродот, удар под линијата на водата или на линијата на водата, воден столб, слабо видлив експлозивен отпечаток итн.“, вели тој.

Важно е што Иран ги фокусирал своите тврдења на премини преку TСС или Оманскиот коридор, а никогаш на северната рута што ја претпочита ИРГЦ, вели тој.

„Ова е едноставно порака за обид да се врати контролата од американската морнарица, освен директно напаѓање на бродовите“, вели тој.

ПоврзаниTRT Balkan - Eкономските победници и губитници од војната на САД и Израел против Иран

Независните извештаи честопати опишуваат различни причини за поморските инциденти. Центарот за поморски трговски операции на Обединетото Кралство (УКMTO) во континуитет издава предупредувања за танкери погодени од неидентификувани проектили, што резултирало со пожари во машинските одделенија.

Во еден потврден инцидент кон крајот на октомври, од мал чамец биле поставени експлозивни направи-т.н. прилепувачки мини- на трупот на танкер, над линијата на водената површина, што предизвикало пожар.

Худистеану напоменува дека во текот на изминатиот месец можеби се случиле уште неколку инциденти со рачно поставување на вакви прилепувачки мини, што, во најстрога смисла на зборот, „не претставува минирање“.

Според проценките од пред војната, иранскиот арсенал брои меѓу 2.000 и 6.000 мини.

Иранскиот арсенал главно се состои од серијата „Махам“ (Maham). 

Моделите „Махам-1“ се контактни усидрени мини, опремени со експлозивна направа на пловка поврзана со кабел за сидро на морското дно. Таа лебди веднаш под површината на водата и експлодира кога трупот на бродот физички ќе удри во неа.

Друг вид на мина што ја поседува Иран е „Махам-2“, која лежи директно на морското дно и експлодира кога покрај неа ќе помине пловен објект, без потреба од физички контакт.

Потоа, тука се и усидрените мини со запалка на принцип на влијание (неконтактни) детонатори, кои остануваат поврзани за сидро на морското дно. Тие експлодираат без физички контакт, активирани од движењето на пловниот објект што поминува во близина.

Иран, исто така, поседува и прилепувачки мини, едноставни експлозивни направи што се прицврстуваат директно на трупот на бродот со помош на моќни магнети.

„Мините се едни од најевтините и најмалку софистицираните оружја што постојат“, вели Худистеану.

„Нивното производство може да се одвива во домашни услови, дури и во најтешки околности“, додава тој.

Худистеану ги опишува како оружје на „морнарицата на сиромашните“, поради асиметријата што ја создаваат во однос на трошоците и ефектот.

Сепак, поставувањето мини од страна на Иран во Ормускиот Теснец не наликуваше на систематско минирање од големи размери.

„Иранците го минираа Ормускиот Теснец преку операции со мали чамци, поставувајќи по неколку мини, можеби десетина или дваесетина на различни места, бидејќи целта беше да се зголеми недовербата во врска со теснецот, а не целосно да се блокира преминот“, објаснува Худистеану.

Тој напоменува дека американската морнарица, која има практично неоспорен пристап од воздух над теснецот, спроведува надзор за да открие мали чамци што се задржуваат во областа, невообичаени шеми на пловење и сомнителни комуникации.

Иако Иран ја задржува можноста опортунистички да поставува дополнителни мини, да остави некои од нив слободно да лебдат или да користи комерцијални бродови, таквите тактики носат ризици, на пример, мините може да бидат исфрлени на брегот или да удрат во бродови поврзани со Иран, вели тој.

Закрепнување на обемот на транспорт на нафта?

Бродскиот сообраќај низ теснецот е сè уште на ниско ниво во споредба со периодот пред конфликтот, иако обемот на транспорт на нафта донекаде се опоравил.

Худистеану издвојува три главни фактори што влијаат врз перцепцијата за ризик кај бродосопствениците и превозниците. Прво, нафтата и гасот не се единствените товари што минуваат низ овој воден пат: многу оператори сè уште го сметаат теснецот за „многу опасен“ или одбиваат да оперираат во него, што доведува до зголемување на премиите за осигурување, платите и другите трошоци, па дури и до целосно избегнување на оваа маршрута.

Тој наведува дека цените за изнајмување танкери за нафта и гас со месеци се на историски највисоки нивоа. Придружбата обезбедена од американската морнарица ги направи некои патувања комерцијално исплатливи, но тоа не важи подеднакво за сите видови пловни објекти.

Второ, многу бродови минуваат низ теснецот со исклучени транспондери и други уреди за следење, што го отежнува пребројувањето на премини.

Трето, тој додава дека блокадата спроведена од американската морнарица го свела сообраќајот на бродови под иранско знаме на речиси нула.

Војната драстично го зголеми ризикот, а со тоа и трошоците за осигурување при минување низ Ормускиот Теснец, од околу 0,25% од вредноста на бродот пред конфликтот, до 6-10% во последните месеци, што додава милиони долари трошоци за секое поединечно минување.

Слично на тоа, цените на суровата нафта во последните недели се задржаа во опсегот од 90 до 95 долари за барел. Ова ниво е значително повисоко од предвоеното, кое се движеше околу 75 долари, но е пониско од претходните пикови кои надминуваа 115 долари.

Худистеану очекува долготрајно закрепнување, слично на она што се случи со поморскиот сообраќај во Црвеното Море, кој беше сериозно погоден од нападите на милицијата Хути во периодот 2023-2025 година.

„Нарушувањата во Црвеното Море доведоа до пад на бројот на премини во тој регион на помалку од 50 отсто од вообичаеното ниво. Дури и една година подоцна, тие бројки сè уште не се вратени на нивоата од пред почетокот на нарушувањата“, вели тој.

„Очекувам сличен развој на настаните и во случајот со Ормускиот Теснец.“

Извор: ТРТ Ворлд

Повеќе
Мерц: Оваа зима за Украина ќе биде најтешка од почетокот на војната
Емине Ердоган повика на глобална заштита на правата на децата со фокус на Газа
Русија ги отфрла безбедносните гаранции за Украина по примерот на НАТО
Пораз на Ликуд на Нетанјаху: Избран нов претседател на Кнесетот од редовите на опозицијата
Иран ги отфрли тврдењата на Трамп дека Техеран развива биолошко оружје
Калифорниската адвокатска комора го истражува адвокатскиот статус на поранешната портпаролка
Зеленски: Членството во НАТО е најдобра гаранција за безбедноста на Украина и Европа
Мјанмар извршил геноцид врз Рохинџите, пресуди Меѓународниот суд на правдата
Данскиот парламент едногласно го ратификуваше договорот со САД за Гренланд
Кси, Трамп и Путин ветија реформа на ОН и намалување на нукларните ризици
Истражување на израелски медиум: Нетанјаху планирал да ги обвини Арапите за „кражба на изборите“
Трамп вели дека САД и Кина се шпионираат меѓусебно, тврди дека Вашингтон го прави тоа подобро
Човиќ: Наскоро ќе се конституираат сите законодавни органи на БиХ
Германија бара САД да има значајна улога во безбедносните гаранции за Украина
Пакистан ја демонстрираше новата суперсонична крстосувачка ракета „Фатах-3“
Иран негира вмешаност во заговорот за атентат кој го разоткрија македонските и грчките служби
Европскта комисија предложи нов заем за Украина до 45 милијарди евра
Ердоган: Масакрите и гладот ​​продолжуваат секојдневно во Газа додека светот само набљудува
Кац: Може да заземеме дополнителни територии во Газа, Либан и Сирија
Конститутивната седница на Собранието на Србија ќе продолжи утре, предложени кандидати за спикер