Мандатарот на новата израелска влада, Гади Ајзенкот, денес изјави дека не гледа „директна и непосредна закана“ од Иран што би барала акција пред да се формира нова израелска влада.
„Во врска со Иран, во моментов не гледам никаква директна и непосредна закана за Израел што бара акција пред да се формира влада“, истакна Ајзенкот на партискиот состанок, објави Канал 12.
Во врска со преговорите со партијата Ликуд на премиерот во заминување Бенјамин Нетанјаху, Ајзенкот рече дека неговата партија се обидува да формира влада на единство врз основа на „унапредување на основните вредности“.
„Нема да има компромис за формирање државна истражна комисија, спроведување на универзалната национална служба, трансформацијата на безбедносната реалност и заштитата на нашата демократија“, рече тој.
Ликуд и партијата Јашар на Ајзенкот се согласија во недела да одржат уште една рунда разговори откако на четиричасовниот состанок не беше постигнат консензус за формирање влада на единство.
Од своја страна, Нетанјаху тврдеше дека „оние што ги потцениле заканите против нас го прават тоа од политички причини“.
Во меѓувреме, Комисијата за надворешни работи и одбрана на Кнесетот се состана првпат денес под водство на својот нов претседател Авигдор Либерман.
„Доколку Нетанјаху нареди независен напад врз Иран, тоа би било очигледно нелегална наредба“, истакна Либерман, објави Канал12.
Блокот на Ајзенкот ги вклучува Јашар, листата „Заедно“ на Нафтали Бенет со 12 места, „Јисраел Беитеину“ на Либерман со седум места и Демократите на Јаир Голан со осум места.
Доколку разговорите не успеат, Јашар планира да побара одобрение од Кнесетот за малцинска влада пред да истече мандатот на Ајзенкот на 6 декември. Владата би се потпирала на надворешна поддршка од Заедничката листа и Обединетата арапска листа, две арапски партии што заедно имаат 19 места.
Малцинската влада може да гласа за доверба ако гласовите „за“ се побројни од оние „против“, додека пратениците надвор од коалицијата може да ја поддржат без да се вклучат во кабинетот.
Нетанјаху (77) ја предводи крајно десничарската Влада од крајот на 2022 година. Тој е на судење за корупција и е предмет на потерница од Меѓународниот кривичен суд од 2024 година за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.















