Најмалку 11 лица загинаа во напад врз станбена зграда во Киевската Oбласт во Украина, додека неколку руски региони пријавија напади со дронови во текот на ноќта, меѓу кои и врз нафтената инфраструктура, соопштија украински и руски официјални претставници.
Украинската Државна служба за вонредни ситуации соопшти дека спасувачите ги извлекле телата на 11 лица од урнатините за време на ноќната операција за пребарување и спасување на местото на урнатата зграда.
„Спасувачките екипи продолжија со пребарувањето во текот на целата ноќ, привремено прекинувајќи ги активностите за време на воздушните тревоги за да ја осигурат сопствената безбедност“, соопшти службата.
Во Русија, гувернерот на Ростовската Област, Јуриј Сљусар, изјави дека повеќе од 80 дронови биле пресретнати или неутрализирани над градот Каменск-Шахтински и осум окрузи во регионот.
„Остатоци од дрон предизвикале пожар во Красносулинскиот Округ, а службите за итни случаи интервенирале на местото“, рече Сљусар, без да соопшти дополнителни детали.
Жителите на Новошахтинск во текот на ноќта пријавиле експлозии и голем пожар.
Според медиумските известувања, бил извршен напад врз фабриката за нафтени деривати во Новошахтинск, голема рафинерија за нафта во јужна Русија.
Утринава дронови го нападнале и југоисточниот дел на Татарстан, соопшти прес-службата на регионалниот лидер Рустам Миниханов.
Неколку складишта за нафта во близина на Алметјевск биле оштетени, но нема жртви, соопштија регионалните власти.
Во меѓувреме, руското Министерство за одбрана соопшти дека неговите сили во текот на ноќта извршиле напади со дронови врз енергетска, логистичка и пристанишна инфраструктура, како и врз пловила што се користат во интерес на Украинските вооружени сили.
Од Министерството наведоа дека меѓу целите биле трафостаница од 330 киловолти во Днипро, која ги снабдувала украинските военоиндустриски претпријатија со електрична енергија, пристанишни објекти во Измаил, во Одеската Област, за кои тврдат дека биле вклучени во испораката на воена опрема, како и брод за превоз на сув товар југозападно од Одеса, за кој тврдат дека превезувал воени материјали.
Министерството соопшти и дека биле погодени две железнички локомотиви во близина на железничката станица Дњепродзержинск во Днепропетровската Област, кои се користеле за транспорт на оружје и воена опрема за украинските сили.
Независната проверка на овие тврдења е отежната поради тековниот конфликт.













