Кина осуди владин службеник на смрт поради шпионажа и оддавање повеќе од 100 државни тајни. Ова претставува редок случај во кој Пекинг јавно обелоденува ваква информација, се наведува во медиумски извештај од денес.
Службеникот, чиј владин ресор останува непознат, бил „подготвуван и уценуван да предаде десетици државни тајни на странска разузнавачка служба“, објави весникот „Саут Чајна Морнинг Пост“ (South China Morning Post), повикувајќи се на „Баомигуан“ (Baomiguan) – официјалниот профил на ВиЧет (WeChat) на издавачката куќа „Џинченг прес“ (Jincheng Press), која е дел од кинеската Национална управа за заштита на државните тајни.
ВиЧет (WeChat) е голема кинеска платформа за социјални медиуми, споредлива со американската мрежа „X“.
Службеникот, идентификуван само по презимето Ма, е прогласен за виновен за шпионажа, но останува нејасно дали смртната казна е веќе извршена.
Според „Баомигуан“, на Ма исто така трајно му се одземени политичките права, а целиот негов личен имот е конфискуван.
Во објавата не се прецизира кога и каде се одвивало судењето, ниту пак кој суд ја изрекол казната.
Странските земји вмешани во случајот се наведени само како „Земја А“ и „Земја Б“.
„Јавното обелоденување на смртни казни во случаи на шпионажа е релативно ретко во Кина, каде што судските постапки поврзани со националната безбедност обично се одвиваат зад затворени врати“, наведува весникот.
Оваа информација се појавува во време кога американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) во последните месеци спроведува кампањи на социјалните мрежи со цел регрутирање потенцијални шпиони од редовите на кинеската војска.
Во овие кампањи се прикажани и кинески службеници кои ја промениле лојалноста и им оддавале тајни на САД, што предизвика гневни реакции од страна на Пекинг.
Во 2024 година, поранешен вработен во кинеска државна агенција, исто така, беше осуден на смрт поради оддавање државни тајни.
Човекот, идентификуван само по презимето Џанг, работел за неименувана владинa агенција и бил прогласен за виновен за предавање УСБ-меморија на странски разузнавачки служби, откако претходно ја напуштил својата работа во државната служба.













