Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, денес ја одбележа 10-годишнината од Конечниот мировен договор во Колумбија, склучен меѓу владата и поранешната герилска група ФАРК-ЕП (FARC-EP). Тој го пофали постигнатиот напредок и повика на обновена посветеност кон целосно спроведување на договорот.
„Пред десет години, народот на Колумбија направи инспиративен чекор кон мирот“, изјави портпаролот на Гутереш, Стефан Дижарик.
Генералниот секретар изрази „длабока благодарност за сè што е постигнато под покровителство на овој договор, со цел да се трасира една помирољубива, инклузивна и безбедна иднина за колумбискиот народ“, се наведува во соопштението.
Со оглед на тоа што преостануваат уште пет години од предвидениот рок за спроведување, Гутереш повика на „засилена посветеност“ кон клучните процеси предвидени со договорот, вклучително и мирна реинтеграција на поранешните борци, проширување на развојот и државните институции во маргинализираните територии, како и гарантирање на правата на жртвите преку системот на транзициска правда.
Тој останува „длабоко загрижен поради насилството што ги погодува регионите кои сè уште се зафатени од конфликт“, се вели во соопштението, при што се нагласува дека договорот „останува вреден инструмент на располагање на колумбиските власти, кои денес се стремат да донесат поголема безбедност и развој во овие територии“.
Гутереш, исто така, ја пофали „посветеноста и истрајноста на страните, колумбиските институции, граѓанското општество и колумбискиот народ во унапредувањето на мирот“.
Тој ја потврди посветеноста на ОН „да продолжат да ги поддржуваат овие напори, кои се предводени на национално ниво“, се додава во соопштението.


















