Како што пренесуваат локалните медиуми, Кина и Камбоџа денес започнаа 15-дневни заеднички воени вежби кои опфаќаат копнени, поморски и воздушни операции.
Камбоџанскиот министер за национална одбрана, Теа Сеиха, и контраадмиралот Лиу Сумин, командант на поморската база „Гуангжу“ на Народната ослободителна армија на Кина, присуствуваа на церемонијата на отворање на вежбата „Златен змеј 2026“ во поморската база „Рим“, објави локалниот весник „Кмер тајмс“ (Khmer Times).
Ова е осмо издание на годишните вежби, кои ќе траат до 9 декември и вклучуваат воени бродови, воздухоплови, беспилотни летала, борбени тенкови и оклопни возила.
Во вежбата учествуваат околу 2.000 припадници – повеќе од 1.000 од Камбоџа и над 800 од Кина – што ја прави оваа вежба поголема од претходните седум, како во однос на бројот на војници, така и во однос на воената опрема.
Вежбите се одржуваат под темата за заедничка борба против тероризмот, операции против пиратерија и хуманитарна помош, со фокус на размена на оперативни искуства и обука за спасувачки мисии.
Покрај воените маневри, војниците ќе спроведуваат и активности за поддршка на локалната заедница и хуманитарни акции во областите во близина на локациите за обука.




















