Најголемиот капацитет за производство на сателити во Европа беше отворен денес во Марсинел, Белгија, при што кралот Филип ја инаугурираше новата „Мегафабрика“ на „Аероспејслаб“.
Според белгискиот кралски двор, постројката зафаќа површина од 20.000 квадратни метри и има производствен капацитет од 500 сателити годишно, што ја прави најголема од ваков вид во Европа и трета по големина во светот.
Овој капацитет ќе придонесе за зајакнување на европската вселенска автономија преку учество во производството на 264 сателити за „IRIS2“ – претстојната мрежа на Европската унија за безбедни сателитски комуникации.
Од кралскиот двор наведуваат дека овој проект е дел од поширок договор, чија вредност се проценува на 2,4 милијарди евра (2,6 милијарди долари).
По обраќањето на извршниот директор на „Аероспејслаб“, Беноа Депер, кралот Филип официјално го отвори објектот и ги разгледа неговите капацитети, вклучително и просторијата за деконтаминација, како и единиците за сателитска технологија.
Кралската посета заврши во оперативната сала, каде што беше одржана презентација за сателитите кои моментално се наоѓаат во орбитата.














