Албанија во изминатите часови беше зафатена од невреме, главно со интензивни врнежи од дожд во некои области, што предизвика проблеми во снабдувањето со електрична енергија, сообраќајот на неколку патни правци и воздушниот сообраќај, поради што неколку авиони беа пренасочени.
Министерот за инфраструктура и енергетика на Албанија, Енеа Каракачи, во објавата на социјалните мрежи информираше дека невремето во изминатите часови ја зафатило територијата на земјата.
Министерот Каракачи, исто така, потврди дека се појавиле проблеми со воздушниот сообраќај при слетувањата на меѓународниот аеродром во Тирана „Мајка Тереза“.
„Пет авиони беа принудени да се пренасочат кон алтернативни аеродроми, бидејќи не можеа да слетаат во Тирана. Полетувањата од овој аеродром продолжуваат нормално“, изјави Каракачи.
Во врска со состојбата со снабдувањето со електрична енергија, тој истакна дека во моментов 52 електрични напојни линии се надвор од функција, главно во руралните области на Мат, Мирдита, Љушња и Бајрам Цури.
Во некои области се пријавени и врнежи од снег, а се очекува невремето да продолжи и во наредните часови.

















