Следните парламентарни избори ќе бидат во април 2028 година, а мојот мандат како претседател на Владата завршува за нешто повеќе од една година, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање дали најавената кампања на неговата партија е подготовка на предвремени избори.
Според него, целта на кампањата на ВМРО-ДПМНЕ е да слушнат од граѓаните што е тоа што недостига за да се подобрат
„Не можам во секоја изјава да ја коментирам опозицијата, оставам на нивните ставови, но добро е како политичка партија да излеземе пред граѓаните и да слушнеме што е тоа што недостига за да можеме во овој меѓупериод да се подобриме во нашите политики, а и дел да вклучиме во програмата за следните избори, кои ќе бидат во април 2028 година. Некаде крајот на декември 2027 година ние имаме избор на техничка влада, така што би рекол дека мојот мандат како претседател на Владата е нешто повеќе од една година и еден месец и логично е дека и јас како претседател на Владата и Владата сакаме да слушнеме и онаму каде што сме помалку успешни, да бидеме поуспешни ако е тоа возможно во овој период, ако не, во следниот мандат, така што тоа е целта на оваа теренска активност очи в очи го граѓаните“, изјави Мицкоски.
Посочи дека неговата Влада е отчетна и транспаретна и оти во изминатите две и пол години тој и нејзините членови се постојано во јавноста со изјави и присуствуваат на јавни настани.
Мицкоски исто така најави дека студентскиот оброк ќе биде зголемен, а Владата работи на иновативно дигитално решение преку апликацијата „Е-услуги“, кое, покрај зголемувањето на средствата за оброк, ќе им овозможи на студентите и дополнителни привилегии.
Премиерот ги посочи и грантовите за самовработување на лица до 29 години, како и електронските уреди што ги обезбедила Владата како дел од мерките насочени кон подобрување на условите за младите и студентите.
„Најмалку 10% од станбената површина во новите станбени објекти ќе треба да биде наменета за млади брачни двојки до 35-годишна возраст, кои ќе може да ја купат по цена најмалку 20% пониска од просечната цена на становите во соодветната катастарска општина во претходната календарска година. Ова го предвидува законското решение на кое работат Владата и Министерството за транспорт, а кое набргу треба да биде доставено до Собранието“, најави Мицкоски.
Премиерот денеска изјави и дека Владата со сите можни алатки ќе го штити стандардот на граѓаните и ќе направи сè за да не се зголеми цената на електричната енергија и на парното и оти нема информации за најавите од Регулаторната комисија за енергетика.















