| Macedonian
РЕГИОН
5 мин читање
Формиран Националниот комитет за заштита и безбедност на новинарите
министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој истакна дека слободното и безбедно новинарство е еден од основните предуслови за функционирање на демократското општество, во кое институциите мора да бидат отворени за прашања, критики и контрола о
Формиран Националниот комитет за заштита и безбедност на новинарите
Формиран Националниот комитет за заштита и безбедност на новинарите / TRT Balkan / агенции
 

Во Скопје се одржа конститутивниот состанок на Националниот комитет за заштита и безбедност на новинарите, со што официјално започнува работата на новиот меѓуинституционален механизам за унапредување на безбедноста на новинарите и медиумските работници. Комитетот е формиран по иницијатива на македонската Влада, во согласност со европските стандарди и препораките на Советот на Европа, со цел зајакнување на превенцијата, заштитата и институционалниот одговор на заканите, притисоците и нападите врз новинарите.

На настанот свое обраќање имаше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој истакна дека слободното и безбедно новинарство е еден од основните предуслови за функционирање на демократското општество, во кое институциите мора да бидат отворени за прашања, критики и контрола од јавноста.

„Слободното и безбедно новинарство не е привилегија на новинарите, туку право и потреба на секое демократско општество. Новинарите се тие што поставуваат прашања во име на јавноста, откриваат неправилности, бараат одговорност и им овозможуваат на граѓаните да носат одлуки врз основа на точни и проверени информации. Силата на една институција не се гледа во тоа колку е пофалена, туку во тоа колку е подготвена да биде прашана, проверена и повикана на одговорност“, нагласи министерот Тошковски.

Тој посочи дека формирањето на Комитетот е дел од определбата на Владата за системско унапредување на медиумските слободи и заштитата на новинарите, во согласност со Препораката на Советот на Европа од 2016 година, која ги утврдува четирите основни столба на националните механизми за безбедност на новинарите: превенција, заштита, гонење на сторителите и промоција и едукација.

Министерот ја истакна и досегашната соработка на МВР со новинарската заедница, особено со Здружението на новинарите на Македонија, преку заеднички активности, обуки и воспоставување механизми за побезбедно извршување на новинарската професија. Во таа насока, назначени се национална фокална точка и локални фокални точки во сите сектори за внатрешни работи, како и контакт-точка во областа на сајбер-безбедноста, со цел олеснета комуникација и навремена реакција при пријавени закани и напади.

„Напад врз новинар поради неговата професионална работа не е само напад врз поединец. Тоа е напад врз правото на јавноста да биде информирана“, порача Тошковски, нагласувајќи дека заштитата на новинарите бара постојана соработка меѓу полицијата, обвинителството, правосудните институции и новинарските организации.

За претседател на Националниот комитет е определен помошник министерот за односи со јавност и стратешки прашања при МВР, Мухамед Исмаиљи, кој истовремено е и национална фокална точка на Советот на Европа за безбедност на новинарите.

Во своето обраќање, Исмаиљи ги образложи причините за формирањето на Комитетот, неговата организација, надлежностите и следните активности, нагласувајќи дека станува збор за координативно тело кое ќе ги обедини институциите надлежни за безбедноста, правдата и медиумите со претставниците на новинарската заедница.

Во составот на Комитетот се вклучени претставници на Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда, Министерството за дигитална трансформација, Јавното обвинителство, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Академијата за судии и јавни обвинители, Македонската радио-телевизија, Здружението на новинарите на Македонија и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.

Неговата основна задача ќе биде да ја унапредува меѓуинституционалната координација, да ја следи состојбата со заканите и нападите врз новинарите, да поттикнува размена на информации и да предлага мерки за подобрување на постојните механизми за заштита, без навлегување во законските надлежности на полицијата, обвинителството и судовите.

„Не сакаме да создадеме механизам во кој институциите ќе разговараат сами со себе за безбедноста на новинарите. Сакаме механизам во кој новинарите ќе имаат свој глас, а институциите обврска тој глас да го слушнат“, истакна Исмаиљи.

Тој нагласи дека еден од главните приоритети ќе биде подготовката и спроведувањето на Националниот акциски план за заштита и безбедност на новинарите, кој треба да ги преточи утврдените цели во конкретни активности, со јасно определени надлежности, рокови и мерливи резултати.

Меѓу приоритетните активности се унапредувањето на процедурите за пријавување закани и проценка на ризикот, подобрувањето на координацијата меѓу полицијата и обвинителството, специјализираните обуки за институциите, зајакнувањето на капацитетите за справување со онлајн закани и дигитални докази, како и подобрувањето на евиденциите и следењето на институционалното постапување.

Посебно внимание ќе се посвети на заштитата на новинарките од родово базирано вознемирување, безбедноста на истражувачките, локалните и независните новинари, како и на спречувањето на злоупотребата на судските постапки преку таканаречените SLAPP-тужби, насочени кон заплашување и замолчување на новинарите.

„Наша цел не е да создадеме систем во кој новинарите ќе мора да бараат посебна храброст за да ја кажат вистината, туку систем во кој ќе можат слободно, професионално и без страв да ја вршат својата работа“, порача Исмаиљи.

Формирањето на Националниот комитет е дел од пошироките активности што се реализираат со поддршка на Советот на Европа, особено преку европската кампања „Новинарите се важни“ (Journalists Matter), како и преку заедничките програми на Европската Унија и Советот на Европа за заштита на слободата на изразување и медиумите.

Министерството за внатрешни работи останува посветено на натамошно унапредување на соработката со новинарската заедница и надлежните институции, со цел воспоставување функционален, одржлив и ефикасен систем за заштита на новинарите.

Крајната цел е секој новинар да може слободно и безбедно да ја извршува својата професионална работа, а секоја закана или напад да добие навремен и соодветен институционален одговор.

ИЗВОР:TRT Balkan / агенции
Повеќе
Ревизија на зелените карти во САД: Какви промени има за работодавците и странските работници?
Соседи без врата: Туркије и Ерменија размислуваат што би донела отворената граница
Колку мините во Ормускиот Теснец реално претставуваат закана за пловидбата?
Александар Чупиќ доби покана да ја претставува Србија на Самитот со ЕУ
МВР, МТСП и ЈО: Брза заштита за жртвите и решителен прогон на семејните насилници
Протести пред македонската Влада поради зголемениот број фемициди со конкретни барања
ЕУ и Велика Британија договорија подлабока безбедносна соработка
Претседателските избори во Србија ќе бидат распишани до 27 ноември
350 палестински деца во израелските затвори соочени со тортура и глад
Мерц: Оваа зима за Украина ќе биде најтешка од почетокот на војната
Емине Ердоган повика на глобална заштита на правата на децата со фокус на Газа
Илјадници луѓе протестираат низ цела Италија поради платите и јавните услуги
Договрена соработка со Универзитетот Тракија и обука за македонските здравствени работници
Германските индустриски работници започнаа први целодневни предупредувачки штрајкови по осум години
Турскиот брод Оруч Реис пристигна во Пакистан за да започне сеизмички истражувања