Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) донесе одлука за намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 2,28 проценти.
Според РКЕ, од утре, 24 ноември 2026 година, бензините ќе поевтинат за два денари по литар, додека дизелот ќе биде поевтин за 3,50 денари.
Според најновата одлука на РКЕ, од 24 ноември, од 00:01 часот, максималната малопродажна цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе изнесува 82 денари за литар, додека ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе се продава по највисока цена од 84 денари за литар. Двата вида бензин поевтинуваат за по два денари.
Најголемо намалување има кај дизел-горивото. ЕУРОДИЗЕЛ БС ќе поевтини за 3,50 денари по литар и ќе се продава по максимална цена од 88,50 денари за литар.
Екстра лесното масло за домаќинство ќе биде поевтино за 2,50 денари, со што неговата цена ќе изнесува 98 денари за литар. Цената на мазутот М-1 НС се намалува за 0,204 денари и ќе изнесува 48,110 денари за килограм.
Намалувањето на домашните цени следува по падот на референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар.
Според РКЕ, во споредба со претходната пресметка, референтните цени на бензините се намалени во просек за 5,874 проценти, додека кај дизелот е забележан пад од 6,505 проценти.
Кај екстра лесното масло намалувањето изнесува 5,671 процент, а кај мазутот 2,236 проценти.
Врз пресметката влијаело и движењето на девизниот курс, при што курсот на денарот во однос на американскиот долар бил повисок за 1,4248 проценти во споредба со претходниот пресметковен период.
Во новата одлука е применета и владината мерка за намален ДДВ од 10 проценти за дизел-горивото, како и намалените акцизи за бензините и дизелот.















