Белата куќа во вторник изјави дека приоритет на американскиот претседател Доналд Трамп кога станува збор за Иран е дипломатијата, но дека воената опција останува на маса доколку е потребно.
„Првата опција на претседателот Трамп е секогаш дипломатијата, но како што покажа, тој е подготвен да ја употреби смртоносната сила на вооружените сили на Соединетите Американски Држави доколку е потребно“, изјави портпаролката Каролин Ливит за новинарите.
Ливит потсети на она што го нарече исклучително успешна акција наречена „Операција полноќен чекан“ во јуни, за која рече дека уништила ирански нуклеарни објекти, но предупреди дека заканата не е целосно елиминирана.
„Ова не значи дека Иран никогаш повеќе нема да се обиде да воспостави нуклеарна програма што би можела директно да ги загрози Соединетите Американски Држави и нашите сојузници во странство“, рече таа, додавајќи дека спречувањето на такво сценарио е фокус на претседателот Трамп.
Таа, исто така, ги отфрли неодамнешните медиумски извештаи за внатрешни размислувања во администрацијата, велејќи дека секој што „се крие зад анонимен извор и тврди дека знае што мисли претседателот Трамп, нема поим за што зборува“. Таа нагласи дека Трамп останува крајниот носител на одлуки.
Левит рече дека Трамп ќе се осврне на „заканите што продолжуваат да постојат во странство“ во неговото претстојно обраќање на нацијата и посочи на слоганите „Смрт за Америка“ како доказ за континуираната закана од Иран.
Изјавите доаѓаат пред третата рунда индиректни нуклеарни разговори, посредувани од Оман, закажани за четврток во Женева, каде што се очекува Иран да презентира нацрт-предлог.
Тензиите нагло се зголемија во последните недели по распоредувањето на американски носачи на авиони и бомбардери на Блискиот Исток.














