Високи функционери од земјите во регионот упатија пораки со сочувство за трагедијата во Кочани, Северна Македонија, каде во пожар во дискотека загинаа десетици луѓе, а над 100 други беа повредени.
Претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, во реакцијата објавена на социјалните мрежи, напиша дека изразува искрено сочувство до семејствата кои ги загубија своите роднини и до целиот народ во Северна Македонија.
„Шокирани од трагедијата што се случи, од загубата на млади животи и повредите на многу други од пожарот што избувна во дискотека во градот Кочани, Северна Македонија. Моите молитви и молитвите на албанскиот народ се за повредените, тие брзо да закрепнат и болката во градот Кочани да не се влошува“, напиша Бегај.
Во меѓувреме, во реакцијата на претседателката на албанскиот парламент, Елиса Спиропали, се вели: „Тажна вест за страшната трагедија во Кочани, Северна Македонија, каде животот го загубија неколку десетици девојчиња и момчиња. Во оваа тажна недела стојам со семејствата кои ги загубија своите најблиски. На повредените им посакувам брзо закрепнување„.
Премиерот на Албанија, Еди Рама, во својата реакција на социјалните мрежи, напиша дека во име на Албанија и Албанците му пренесува сочувство на премиерот Христијан Мицкоски и на властите на соседната земја, „изразувајќи ја нашата подготвеност за каква било помош што е потребна“.
„Со посебно чувство на тага им го пренесувам моето сочувство на браќата и сестрите од Северна Македонија за големата трагедија во Кочани. Останав без зборови и се молам повредените да закрепнат и семејствата на жртвите да најдат сила да се справат со нивната неутешна загуба“, напиша Рама.
Претседателката на Косово, Вјоса Османи, на социјалните мрежи напиша дека загубата на толку млади животи е трагедија која не може да се опише.
„Изразуваме најискрено сочувство и стоиме покрај семејствата на жртвите и целиот народ на Северна Македонија во ова тешко време“, напиша Османи.
Сочувство за трагедијата изрази и косовскиот премиер Албин Курти и им посака брзо закрепнување на повредените.
„Со длабока тага дознав за катастрофалната загуба на 51 живот во Кочани, Северна Македонија, како последица на трагичен пожар во ноќен клуб. Изразувам длабоко сочувство до семејствата кои ги загубија своите најблиски, како и до лидерите и владата на Република Северна Македонија и на целата земја во овој момент на тага. На повредените им посакувам брзо и целосно закрепнување“, објави Курти.
Во врска со трагедијата, реагираше и министерката за надворешни работи и дијаспора на Косово, Доника Гервала, која на социјалните мрежи изрази длабока тага поради трагичната загуба на животи во пожарот во Северна Македонија. „Нашите мисли се со жртвите и нивните семејства. Косово стои во солидарност“, напиша Гервала.
Српскиот претседател Александар Вучиќ во својата порака објавена на социјалните мрежи напиша дека изразува длабоко сочувство до семејствата на загинатите во пожарот во дискотеката во Кочани, како и солидарност со народот на Северна Македонија во овие тешки моменти.
„Нашите мисли се со сите оние кои ги загубија своите најблиски и со оние кои се борат за своите животи. Србија е секогаш подготвена да им пружи секаква неопходна помош на своите пријатели, во согласност со нејзините можности“, напиша Вучиќ.
Во реакцијата од Министерството за надворешни работи на Црна Гора, се наведува дека Црна Гора стои во солидарност со Северна Македонија во ова тешко време.
„Длабоко сме тажни поради трагичниот пожар во Кочани, кој однесе толку многу животи. Нашето искрено сочувство до семејствата на жртвите и народот на Северна Македонија. Нашите мисли се со сите погодени од оваа голема трагедија, а на повредените им посакуваме брзо и целосно закрепнување“, се вели во соопштението на МНР на Црна Гора.
Министерот за внатрешни работи на Северна Македонија, Панчо Тошковски, потврди дека најмалку 51 лице го загубило животот во дискотека во Кочани, каде синоќа избувна пожар за време на забавен настан на музичка група.













