| Macedonian
КУЛТУРА
4 мин читање
Националниот џез оркестар со „Македонски сновиденија“ вечерва во Виена
Македонски сновиденија е уникатна фузија на македонски фолклор и современ џез, вистинска музичка приказна која оркестарот со гордост ја носи на европските сцени, претставувајќи ја македонската културна и музичка традиција во современ контекст
Националниот џез оркестар со „Македонски сновиденија“ вечерва во Виена
Ова е последен настап на македонските џезери предводени од диригентот Владимир Николов, како дел од мини-турнејата што ги опфати и Будимпешта и Прага / Others
17 ноември 2025

Националниот џез оркестар ќе настапи во реномираниот џез клуб Порги и Бес (Porgy & Bess) вечерва во 20.30 часот, како дел од турнејата „Македонски сновиденија“ (Macedonian Dreams).

Ова е третиот и последен настап на македонските џезери предводени од диригентот Владимир Николов, како дел од мини-турнејата што ги опфати и Будимпешта и Прага.

Македонски сновиденија е уникатна фузија на македонски фолклорни мотиви и современ џез, вистинска музичка приказна која Националниот џез оркестар со гордост ја носи на европските сцени, претставувајќи ја македонската културна и музичка традиција во современ контекст.

„Оваа турнеја е важна, затоа што промовира нешто ново, истовремено базирано на нашата традиција. Најважниот дел во овој проект или приказна е како ние комуницираме со нашето минато. Претставуваме и аранжмани на фолклорни теми, но го правиме тоа на начин со кој што кажуваме нешто што сметаме дека е релевантно во денешниот џез и, воопшто, во музиката“, вели маестро Николов, кој заедно со Гордан Спасовски, ги создадоа и аранжманите на композициите.

За директорот на Националниот џез оркестар, Гоце Стевковски, ова е исклучително важна турнеја, затоа што промовираме целосно македонска музичка џез приказна и ја претставуваме на светот.

„Настапите во Будимпешта и во Прага поминаа подобро од очекувањата. Аплаузите, овациите, довикувањата за бис ни беа најголема награда. Нашиот оркестар се претстави во врвно издание, а покажавме дека и изборот на програмата е полн погодок за наша поголема промоција низ Европа. Очекуваме дека Македонски сновиденија ќе ни отвори нови врати и нови соработки во иднина“, рече Стевковски.

Седумосминскиот такт, одличните аранжмани на наши бисер композиции, создадени од маестро Владимир Николов и од пијанистот Гордан Спасовски ја одушевија публиката. Соло делниците беа особено поздравени со бројни аплаузи, овации, а логично се бараше уште од возбудливите партитури што мирисаат на минато и емоција вткаени во нова џез приказна. Македонци што живеат во Прага, но и Чеси љубители на џез музиката уживаа во овој музички разговор, внимателно подготвен да го промовира македонското современото џез творештво.

Деветка, Касапско оро, Калајџиско оро, Писмо до човекот со шишињата, инспирирано од орото Ратевка, а посветено на единствениот Зоран Маџиров, Лејк Охрид Ламент (Lake Ohrid Lament) (инспирирана од песната „Ој ти момче охриѓанче“) на Кочо Петровски и Иван Терзиев… се само дел од композициите што публиката посебно ги препознава и ги ужива на концертот.

Клупската атмосфера влијаеше за посебна возбуда и кај музичарите, кои сите до еден брилираа во своите соло настапи. Задоволството на добриот настап и комуникација со публиката не го криеја и диригентот Владимир Николов и директорот на Националниот џез оркестар, Гоце Стевковски. На концертот присуствуваа и претставници од нашата амбасада во Република Чешка.

Во Будимпешта, Националниот џез оркестар настапи во големата сала на Универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта. Концертот беше отворен со „Деветка“ од „Леб и сол“, по аранжмани на Кокан Димушевски и Владимир Николов и првите аплаузи за соло делот на Иван Иванов.

Аранжманите на композициите ги направија диригентот Николов и од Гордан Спасовски. Инспириран од орото Ратевска, а во чест на Зоран Маџиров, Спасовски ја создаде A Letter to the Bottleman (Ratevka) (Писмо до човекот со шишињата).

Во чест на својот професор Илија Пејовски, Владимир Николов ја напиша и аранжира композицијата „Reflection of „Caress“, даде посебна емоција и нежност на концертот. Ја чувме и Can you dig it?, композиција на Васил Хаџиманов.

South Node и Changing Landscapes се оригинални композиции на Владимир Николов што се исто така дел од концертот, а „Касапско оро“ исто предизвика радост кај публиката. Сите музичари што имаа соло делници брилираа, најголем удел во оваа приказна имаше Кирил Кузманов, со најмногу соло настапи.

На концертот во Будимпешта присуствуваше и Марија Ѓоргова, државна секретарка на Министерството за култура и туризам.

Во организацијата на концертот помогна Златко Панзов, професор на Универзитетот ЕЛТЕ и дел од центарот Balkan Heritage.

Повеќе
Турскиот и францускиот шеф на дипломатијата на средба во Анкара
Прекин на товарниот сообраќај на граничните премини од 12 часот
Турскиот министер за надворешни работи оствари средба со нигерискиот колега
Кина: Договорот со Канада не е насочен против САД
Германскиот министер за одбрана бара извинување од САД по коментарите на Трамп за Авганистан
Израел: Преминот Рафа во Газа ќе биде отворен, но со ограничувања
Кремљ: Следната рунда преговори со Украина ќе се одржи во Абу Даби
Рубио разговараше со Ал-Судани за пренесување терористи на ДАЕШ во ирачки објекти
Полскиот претседател вели дека Русија ќе остане закана за Европа
Еден Палестинец е убиен во израелски оган во Газа
Ердоган: Борбата против терористичката група ДЕАШ се зајакнува
Како Туркије се стреми да стане глобален лидер во зелената енергија
Зошто амбицијата на Трамп за Гренланд насекаде има отпечатоци од Силиконската долина
Надеж со доза на резерва: Како Палестинците го гледаат новиот план за управување со Газа
Трамп го искористи привидението на шверц на дрога за да ја нападне Венецуела- ова се фактите