Амбасадорите на земјите-членки на ЕУ во четврток започнаа писмена постапка за донесување одлука за потрајно замрзнување на руските средства со квалификувано мнозинство, наместо едногласно, како што е случајот во моментов, што е клучен предуслов за одобрување на репарациски заем за Украина, дознава данското претседателство.
Земјите-членки имаат рок до денеска до 17 часот да одговорат, а предлогот треба да биде поддржан од квалификувано мнозинство, односно 55 проценти од земјите-членки што претставуваат 65 проценти од населението на ЕУ.
Ова е клучен дел од предлогот на Европската комисија за користење на замрзнатите руски средства како основа за репарациски заем за Украина.
Санкциите против Русија, вклучително и замрзнувањето на средствата на руската централна банка, мора да се обновуваат на секои шест месеци според правилата на ЕУ, и едногласно, што значи дека секоја земја-членка може да го блокира продолжувањето.
Во случај на такво замрзнување, руските средства автоматски би биле одмрзнати, а товарот за враќање на заемот би паднал врз земјите-членки.
Сега Комисијата предложи употреба на член 122 од Договорот за функционирање на ЕУ, кој предвидува можност за премин од консензусно донесување одлуки на квалификувано мнозинство во вонредни ситуации.
Комисијата предложи регулатива според член 122 за забрана на трансфер на руски средства сè додека не се реши штетата предизвикана од војната на Русија врз Украина.















