Владата на денешната седница именуваше повереници за општините Маврово Ростуше, Гостивар, Центар Жупа и Врапчиште постапи по известувањето на ДИК за завршување на локалните избори 2025 година за избор за членови на советите на општините и советот на Град Скопје и градоначалници на општините и градоначалник на Град Скопје.
„Во врска со условот од член 132 став 2 од Изборниот законик за избор на градоначалници на општините да излезат една третина од вкупниот број на избирачи запишани во избирачкиот список за соодветна општина не е исполнет во општините Врапчиште, Гостивар, Маврово и Ростуше и Центар Жупа. Во однос на истото, согласно член 134 став 2 од Изборниот Законик Владата за повереници за вршење на работите од надлежност на градоначалник за наведените општини ги именува: Онер Јакупоски за повереник за општина Маврово Ростуше, Аријан Ибраим за повереник за Центар Жупа, Буњамин Кадриу за Врапчиште и Фадил Џелили за Гостивар
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, на 17 ноември го потпиша актот за одржување на локалните избори за четирите општини Гостивар, Маврово-Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа.
„Во својство на претседател на Собранието на Република Северна Македонија, денес го потпишав актот за одржување повторени избори за градоначалници на општините Гостивар, Врапчиште, Маврово и Ростуша, како и Центар Жупа. Изборите ќе се одржат на 11 јануари 2026 година во согласност со Уставот, Изборниот законик и соодветното законодавство. Со стапувањето во сила на овој акт надлежните институции почнуваат со спроведување на законските рокови и процедури. Упатувам повик до Државната изборна комисија, општинските изборни комисии, како и до набљудувачките организации, да постапуваат совесно, транспарентно и професионално“, соопшти Гаши.
Спикерот тогаш ги повика граѓаните на овие општини да го остварат своето право и масовно да учествуваат на гласањето, како и сите политички субјекти и кандидатите учесници во овој процес да водат, како што вели, мирен, фер и демократски изборен процес, со почитување на изборните стандарди и европските вредности.



















