Единаесет цивили, меѓу кои шест деца се убиени во израелските напади низ јужен Либан во средата, соопштија директор на болница и три либански безбедносни извори.
Со овие напади Израел одговори на ракетниот напад на либанската милитантна група Хезболах во кој загина војник.
Четворица борци на Хезболах се убиени во одвоени напади, соопштија од групата и безбедносни извори, објави „Тајмс оф Израел“.
Според властите во Либан, жена и нејзините две деца ги загубија животите во напад насочен кон куќа во градот Ал-Сувејне.
Уште еден човек е убиен, а девет лица се повредени во друга израелска акција во пограничниот град Адчит.
Израелската армија рано во средата соопшти дека започнала „опширен“ бран воздушни напади во Либан.
Нападите уследија откако во низа ракети од јужен Либан врз воена база во Сафад во северен Израел загина еден војник, а седум други беа повредени.
Тензиите се разгореа долж границата меѓу Либан и Израел во време на наизменична размена на оган меѓу израелските сили и Хезболах, во најсмртоносните судири откако двете страни водеа војна во 2006 година.
Пограничната тензија доаѓа во време на израелска воена офанзива во Појасот Газа во која загинаа повеќе од 28.500 луѓе по нападот на Хамас на 7 октомври.







