Македонската кујна нема матичен лист, туку пасош полн со печати. Ова е најдобриот опис за развојот на традиционалната македонска кујна, која претрпела многу различни влијанија. Потеклото на дел од јадењата, барем на етимолошко ниво, може да се датира уште од Персиската империја. Други рецепти имаат арапско или турско потекло, донесени на македонските предели преку влијанието на Османлиската империја. За потеклото и еволуцијата на македонската гастрономија, што е тоа што ја прави посебна, привлечна и автентична, но и во кој правец треба да се развива, разговараме со готвачот Дејан Христовски, кој предава во средното угостителско училиште „Лазар Танев“ во Скопје.
Ќебапите, полнетите пиперки и модри патлиџани, туршијата, мусаката и многу други јадења, како и десерти меѓу кои сутлијашот, алвата и кадаифот, се претпоставува дека имаат некакво потекло од Персија, а потоа биле префрлени на Балканот преку османлиското влијание. Што тоа денес значи за македонската традиционална кујна и како истата се развивала низ вековите?
Дејан Христовски: Кај нас препознатливоста доаѓа од квалитетот на сезонските продукти кои ние овдека ги користиме, пример, печената пиперка, зеленчукот, зимницата, туршијата, јагнешкото месо, празот, гравот и ред-ред други квалитетни производи. Меѓутоа, многу е важен и начинот на приготовка на храната, сервирањето и секако споделувањето на храната. Кај нас се исто така многу познати и препознатливи нашите слави, нашите семејни собири и седнувањето на софрата. Кај нас тоа значи комплетна традиција.
Затоа би рекол, автентичноста не значи чисто потекло. Автентичноста е начинот на кој една култура го претвора наследството во нешто свое. Тоа е македонската посебност.
Колкав дел од тоа што денес го сметаме за традиционална македонска кујна всушност доаѓа од Персија или Персиската империја, пренесена преку влијанието на Османлиското царство и другите историски влијанија?
Македонската кујна се создавала со векови и е слоевита кујна, од сите балкански традиции, од словенските навики, од византиското и медитеранското наследство, и секако голем дел од Османлиите, затоа што тие со себе го донеле сето тоа што они го јаделе некогаш како храна. Меѓутоа, тоа има голема позадина, тука голем белег имаат оставено и Персија, и арапскиот свет, и медитеранскиот, па дури и балканскиот. Затоа не можеме да кажеме дека македонската традиционална кујна исклучиво доаѓа од Персија, туку дека Персија е еден важен и голем елемент во нејзиното обликување.
Кога говориме за конкретни рецепти или јадења, барем на етимолошко ниво, некои зборови може да се каже дека влечат паралели со персиските, арапските и турските зборови, како што се ќебап, сарма, туршија, мусака, долма и така натаму. Какви се корените на овие јадења и дали може да се поврзат исклучиво со етимолошкото потекло на зборот или низ вековите претрпеле големи измени при примената во националните кујни?
Дејан Христовски: Па кај некои од овие јадења персиската етимолошка врска е многу јасна, меѓутоа има и многу други кои потекнуваат од арапскиот свет, од Туркије, од Анадолија и од Балканот, значи и Балканот има големо влијание. На пример, туршијата има јасна етимолошка персиска врска; ќебапот е со арапско потекло, меѓутоа во османлискиот простор многу брзо се раширил; кадаифот исто така има арапска позадина, меѓутоа има голем напредок за време на османлиското владеење, они го усовршиле. Има многу јадења кои имаат етимолошки врски и оттаму биле донесени тука кај нас и ние ги користиме и ден-денеска и ги усовршуваме.
Ќе ја споменам пиперката која е одличен пример за еволуција. На пример, техниката на полнење е многу стара потекнува од Туркије како долма. Меѓутоа, таа на просторите во Европа, е донесена од Америка од каде што потекнува, и е воведена со Колумбовата размена. Затоа, денеска на Балканот пиперката, без разлика што не потекнува од Медитеранот, има главна улога во националната кујна.
Дали сме доволно храбри да ја развиеме и да ја внесеме македонската кујна во современата гастрономија и во концептот на фајн дајнинг?
Дејан Христовски: Тука имаме голем простор за напредок. Многу често македонската кујна ја третираме како музејски експонат, не го чепкај гравче-тавчето, не ја чепкај сармата, не го чепкај ајварот, а всушност многу е едноставно.
Јас би тргнал, на пример, во спротивен правец. Прво би ја научил суштината на традиционалната кујна и би ја усовршил, а потоа сите тие елементи би ги направил во некоја помодерна варијанта, меѓутоа не би бегал од оригиналниот карактер на традиционалното јадење, како што е сармата. Кај сармата суштината е многу едноставна, ја познаваме нејзината киселост, маснотијата, месото, житарките како оризот, зачините, и посебен момент е тивкото готвење. Сите тие елементи ние би можеле да ги направиме на малку поразличен начин и да го задржиме карактерот, меѓутоа да воведеме некој новитет со кој ќе покажеме и автентичност и ќе покажеме нешто ново и интересно за конзумирање.
Дали храната денес може да се гледа како нешто повеќе од средство за преживување, односно како начин на социјализација, градење заедница и култура?
Па преку храната не само што луѓето уживале, туку преку храната се пренесувало и знаење, од баба на внука, од мајстор на чирак, од село во село, од генерација на генерација. Гастрономијата во исто време е и економија, и земјоделие, религија, семејство, социјализација, идентитет.
И за крај јас би ја заокружил темата со тоа дека македонската кујна нема матичен лист, туку има пасош полн со печати.













