Министерот за одбрана на Северна Македонија, Владо Мисајловски, присуствуваше и се обрати на состанокот на Северноатлантскиот совет, НАТО, во седиштето во Брисел, на кој присуствуваа министрите за одбрана на сојузничките земји.
Министерот Мисајловски во обраќањето се осврна на целите, приоритетите и активностите што се преземени од Владата, Министерството за одбрана и Армијата во согласност со договореното на последниот самит на НАТО во Хаг, како и на единството на Алијансата што денес е повеќе од потребно во зацврстувањето на концептот за одбрана и одвраќање, се вели во соопштението од Министерството за одбрана.
„Дури и во време на глобални геополитички промени, ако продолжиме да се фокусираме на она што нѐ поттикна толку енергично да се стремиме кон членство во НАТО со децении - потребата од мир, безбедност, стабилност, како предуслов за просперитет, како Алијанса може да го издржиме секој предизвик што ќе ни се најде на патот“, рече министерот, додавајќи дека државата продолжува да го зголемува буџетот за одбрана, а со тоа останува и максимално посветена на осовременувањето на македонската армија.
„За модернизација годинава се одвоени над 32,5 проценти од македонскиот буџет за одбраната што е далеку над она што е предвидено да биде во согласност со НАТО-целите, односно одвојување на 20% од одбранбениот буџет за модернизација“, рече Мисајловски.
Веќе потпишаните договори со повеќе сојузнички држави успешно се заокружуваат, посочи тој, но постојат и тековни договори што, според него, придонесуваат за модернизирање и опремување на армијата, за зајакнување на одбранбените капацитети, а со тоа и за зајакнување на колективната одбрана.
Мисајловски нагласи дека паралелно се инвестира и во човечки капацитети, а доказ за тоа е фактот дека припадниците на Лесната пешадиска баталјонска група се одлично подготвени за НАТО-оценувањето што претстои во април оваа година.
Министерот додаде дека активно ќе се продолжи со учество во мисиите и операциите предводени од НАТО и ЕУ, како во рамките на источното крило на Алијансата, така и во рамките на КФОР и АЛТЕА, сѐ со една цел, мир, стабилност, безбедност и просперитет за државите и граѓаните.
За време на состанокот министерот Мисајловски даде силна поддршка на мировните напорите на САД за воспоставување мир во Украина и на европскиот континент.
По завршувањето на состанокот Мисајловски замина за Минхен, каде што ќе биде дел од македонската делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски на претстојната безбедносна конференција што ќе се одржи од 13 до 15 февруари 2026 година.

















