На 20 декември 2026 година, со почеток во 19:00 часот, во Музејот на Македонската борба во Скопје ќе се одржи концертот „La Donna“, посветен на убавината, емоцијата и безвременската моќ на оперската музика.
„На сцената ќе настапат сопранот Тамара Ангеловска и пијанистот Марио Јоцов, кои преку внимателно одбрана музичка програма ќе ја поведат публиката на патување низ едни од највпечатливите страници на оперската литература“, се вели во најавата на концертот.
Публиката ќе има можност да ужива во најубавите оперски арии од великаните на класичната музика – Џузепе Верди, Волфганг Амадеус Моцарт, Винченцо Белини и Гаетано Доницети.
„La Donna“ е уметничка приказна во која се среќаваат вокалната виртуозност, елеганцијата и искрената емоција. Проект кој ја слави жената, нејзината сила, нежност и уметнички израз, преку музиката што со векови ги освојува светските концертни и оперски сцени.
Со овој концерт, Скопје ќе биде дел од музичката приказна „La Donna“, која ја носи оперската уметност поблиску до публиката.













