Украинскиот претседател Владимир Зеленски денес потврди дека неговата земја е подготвена да ги запре нападите врз руската енергетска инфраструктура, под услов Москва да го стори истото тоа во рамките на предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп.
Зеленски појасни дека темата за енергетско примирје била започната од американската страна за време на трилатералните мировни преговори во Абу Даби, кои се одржаа на 23 и 24 јануари. Тој нагласи дека ова е лична иницијатива на претседателот Трамп.
„Доколку Русија го слушне сигналот од американската страна на ист начин како што го слушнавме ние, тогаш дефинитивно ќе имаме резултат што ќе можеме да го оцениме“, изјави Зеленски.
Украинскиот претседател нагласи дека немало каков било директен дијалог или договори меѓу Киев и Москва на таа тема.
Зеленски изјави дека неговата земја ќе заземе ист став кон таквите потези.
„Доколку Русија не ја нападне нашата енергетска (инфраструктура), ние нема да ја нападнеме нивната енергетска (инфраструктура). Мислам дека ова е одговорот на кој посредникот во преговорите смета, а тоа се САД“, додаде Зеленски, изразувајќи ја подготвеноста на Украина за преземање чекори за деескалација.
Ваквите коментари на украинскиот претседател доаѓаат по изјавата на Доналд Трамп за време на вчерашниот состанок на Кабинетот, каде што тој истакна дека „лично побарал“ од Владимир Путин да не се пука врз Киев и другите градови во услови на екстремно студеното време .
Зеленски му се заблагодари на својот американски колега во подоцнежна објава на американската компанија за социјални медиуми X, велејќи дека темата била дискутирана во ОАЕ и дека тие „очекуваат договорите да бидат спроведени“.
Зеленски подоцна во видеообраќање до јавноста изјави дека „ситуацијата вечерва и во текот на деновите“ ќе „покаже како стојат работите“.
Руските власти сè уште не дадоа коментар за иницијативата.
















