САД немаат подобар сојузник од Израел, а Израел нема подобар сојузник од САД, изјави денес израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, по средбата со американскиот државен секретар Марко Рубио.
Нетанјаху оцени дека посетата на Рубио на Израел е јасна порака дека САД стојат покрај Израел, кој е „соочен со терор, антисемитизам и слаби влади кои го демонизираат Израел“, пренесува Ројтерс.
„Ќе продолжиме да дејствуваме заедно со голема сила, за да ги заштитиме нашите две земји“, рече Нетанјаху.
Тој ја пофали одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да ја нападне нуклеарната програма на Иран и додаде дека Израел останува посветен на ослободувањето на сите заложници и уништувањето на Хамас.
„Трамп покажа храбро и доследно лидерство и јасни чекори за да ги направи билатералните односи меѓу двете земји посилни од кога било“, рече Нетанјаху.
Тој додаде дека Израел ја презема целосната одговорност за нападот врз зградата на Хамас во Доха, Катар, наведувајќи дека тоа била целосно независна одлука.
Нетанјаху изјави дека не исклучува понатамошни напади врз лидерите на Хамас „каде и да се“, вклучително и европските земји, потенцирајќи дека Тел Авив претходно ги гонел оние што стоеле зад нападот врз израелските спортисти на Олимпијадата во Минхен во 1972 година.
Зборувајќи на прес-конференција заедно со Нетанјаху, Рубио рече дека секој заложник мора да биде ослободен и дека Хамас како вооружена група мора да биде елиминиран.
„Претседателот Трамп останува посветен на овие цели. Народот на Газа не може да има подобра иднина сè додека Хамас не биде елиминиран“, рече Рубио.
Тој, исто така, оцени дека Иран претставува закана, не само за Израел, туку и за САД и „сојузниците од Заливот“.
„Нуклеарната програма на Иран претставува неприфатлив ризик за светот“, смета Рубио.
Тој отпатува во Израел за да му го пренесе на Нетанјаху незадоволството на САД од неодамнешниот израелски напад врз Доха, Катар, под обвинувањата за напад врз седиштето на Хамас.
Средбата меѓу Рубио и Нетанјаху траеше околу час и половина, по што започна проширен состанок со нивните помошници.
Рубио пред состанокот објави дека ќе разговара со Нетанјаху за воените планови на Израел за освојување на градот Газа, како и за намерата на Израел да анектира делови од окупираниот Западен Брег.