Портпаролот на Обединетите нации, Стефан Дижарик, синоќа изјави дека, иако Израел издал наредба за евакуација што го опфаќа целиот град Газа, каде што околу еден милион Палестинци се засолниле, голем број од оние што сè уште се таму веруваат дека напуштањето на градот е „едноставно невозможно“.
Дижарик објасни дека транспортот од градот Газа може да чини повеќе од 1.000 долари, дека крајбрежниот пат е едвај прооден и дека локациите за преселување на југот од Појасот Газа се веќе пребукирани, објави „Тајмс оф Израел“.
„Повеќето луѓе веќе се раселени безброј пати. Тие се исцрпени, им снемало пари и се гладни“, истакна Дижарик.
Според него, уште околу 9.400 луѓе успеале да го напуштат северниот дел од Појасот Газа и да се преселат во јужниот дел, со што бројот на раселени лица достигна речиси 62.000 од средината на август.
И покрај наредбата за евакуација на градот Газа, голем број Палестинци ќе останат во северниот дел од Појасот, проценуваат ОН.