Пекинг денеска упати остри критики кон САД, обвинувајќи ја администрацијата на Трамп за „политичка манипулација“, откако Вашингтон соопшти дека разгледува воведување царини за неколку земји, вклучително и Кина, поради она што го нарече „индустриски прекумерен капацитет“.
„Царинските и трговските војни не се во ничиј интерес. Соодветните прашања треба да се решаваат преку консултации, врз основа на еднаквост, почит и заемна корист. Таканаречениот индустриски прекумерен капацитет всушност не постои и не треба да се користи како изговор за политичка манипулација“, изјави за новинарите во Пекинг портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Гуо Џиакун.
Тој рече дека Пекинг и Вашингтон „треба заеднички да ги спроведат важните договори постигнати меѓу двајцата претседатели и да го одржат стабилниот тренд на раст на кинеско-американските трговски односи. Кина ќе продолжи да го прави она што е неопходно за да ги одбрани своите легитимни права и интереси“.
Кинеското Министерство за трговија соопшти дека Пекинг „цврсто се спротивставува на дополнителните американски царини за Кина и другите економии“, пренесува државната новинска агенција „Синхуа“.
Осврнувајќи се на пресудата на американскиот суд со која кинескиот технолошки гигант „Хуавеи“ е прогласен за виновен за измама, Гуо изјави дека кинеската влада „цврсто се спротивставува на нападите врз кинеските претпријатија“.
„Ние цврсто ги поддржуваме нашите претпријатија во заштитата на нивните законски права и интереси“, додаде тој.
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп вчера објави дека предлага нови царини за Јапонија, Кина, ЕУ и 11 други значајни трговски партнери.
Што се однесува до Кина, предлогот предвидува царини до 20% за повеќето стоки и до 10% за одредени производи, додека се изземаат потрошувачки добра во вредност од околу 30 милијарди долари, за кои Американско-кинескиот трговски одбор препорача ослободување од царини.
Најавата од Вашингтон дојде една недела откако Трамп ја посети Кина, каде што разговараше со кинескиот претседател Си Џинпинг, вклучително и за билатералната трговија.
Сингапур „разочаран“, Малезија бара ограничување од 19%
Одделно, Сингапур изјави дека „не се согласува“ со наодите на САД и со заканите за воведување нови царини во висина до 20%. „Многу сме разочарани“ од предложените мерки, бидејќи наодите на САД „не ја земаат предвид структурата на економијата на Сингапур“, изјавија од Министерството за трговија на овој град-држава.
Малезија, исто така, соопшти дека ќе бара ограничување на американските царини на 19%, откако Вашингтон предложи царини во распон од 18% до 25% за оваа југоисточноазиска земја со мнозинско муслиманско население.
„Сепак, сè уште имаме (време)... да преговараме, да објасниме и да ги изнесеме нашите аргументи зошто не можеме да бидеме опфатени во тој опсег. Генерално, треба да се земе предвид и тоа дека стапката не може да биде повисока од 19%“, изјави министерот за трговија Џохари Гани пред новинарите, според веб-страницата „Free Malaysia Today“.














