Европската комисија ќе пренасочи дел од парите наменети за Србија, Босна и Херцеговина и Косово кон Црна Гора, Албанија и Северна Македонија поради различниот напредок на овие земји во спроведувањето на реформите договорени со Брисел, потврди претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, по самитот на Европската унија и Западен Балкан.
Според информациите претходно објавени од Политико, Црна Гора и Албанија треба да добијат 15% повеќе средства отколку што првично беа наменети, додека Северна Македонија треба да добие 10% повеќе.
Станува збор за пари од Планот за раст на Западен Балкан, финансиски инструмент вреден шест милијарди евра со кој Европската унија сака да го забрза економското приближување на земјите од регионот кон Унијата, но и да го поттикне спроведувањето на реформите што се предуслов за членство.
Планот предвидува две милијарди евра грантови и четири милијарди евра меки заеми за периодот од 2024 до 2027 година.
Сепак, за разлика од некои други форми на европска финансиска помош, исплатата на средствата е директно поврзана со исполнувањето на претходно договорените реформски обврски.
Тие вклучуваат зајакнување на владеењето на правото, реформа на јавната администрација, борба против корупцијата и подобрување на деловното опкружување.
Механизмот е дизајниран така што земјите што не ги спроведуваат реформите во предвидените рокови може да изгубат дел од средствата, додека оние што ги исполнуваат своите обврски можат да сметаат на дополнителни пари.
Одлуката на Европската комисија затоа носи и политичка тежина. Брисел им испраќа порака на земјите од регионот дека застојот во реформските процеси повеќе не мора да значи само забавување на преговорите за пристапување, туку и конкретна финансиска загуба.
Трите земји би можеле да добијат дополнителни 338 милиони евра
Фон дер Лајен истакна дека пред една година, земјите од Западен Балкан исполниле само 38% од реформските обврски чии рокови истекоа, додека денес овој удел се зголемил на 63%.
Напредокот во спроведувањето на реформите би можел да им овозможи на Црна Гора, Албанија и Северна Македонија пристап до дополнителни средства во наредните недели, во вкупен износ од 338 милиони евра, рече претседателката на Комисијата.
Конечните износи на пари што ќе ги изгубат поединечните земји сè уште не се објавени. Сепак, главниот преговарач на Косово со Европската Унија, Јетон Зулфај, на почетокот на ноември призна дека Косово изгубило околу 43,8 милиони евра поради пропуштени рокови.
Од 13-те реформски чекори за кои продолжениот рок истече во јуни, Косово исполнило само седум.
На Босна и Херцеговина веќе еднаш ѝ беа намалени средствата. Во јули минатата година, Европската комисија го намали првично планираниот износ за десет проценти поради доцнење во поднесувањето на агендата за реформи.
Србија повторно отсуствуваше од самитот
Особено е значајно што најавата за прераспределба на средствата дојде по самитот на кој Србија не учествуваше втора година по ред.
На Србија првично ѝ беа доделени речиси 1,6 милијарди евра во рамките на Планот за раст, најмногу од сите шест земји од Западен Балкан. Дополнителен услов за пристап до европски пари за Белград и Приштина е конструктивно учество во процесот на нормализирање на меѓусебните односи.














