Најголемиот дел од извозот е наменет за земјите членки на Европската Унија (ЕУ), како и за потписничките на договорот ЦЕФТА (Централноевропски договор за слободна трговија). Членки на ЦЕФТА се Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Молдавија, Северна Македонија и Србија.
Извозот е клучен за економскиот раст и развој на секоја држава бидејќи им овозможува на компаниите да ги продаваат своите производи и услуги надвор од националните граници, со што директно се зајакнуваат домашната економија и државниот буџет.
„Извозот е многу важен, не само поради приливот на пари од странство и платниот биланс, туку и затоа што за многу видови производство е потребен одреден минимален капацитет за производството да биде исплатливо, а трошоците по единица производ да бидат доволно ниски за да се постигне конкурентност. Проширувањето на пазарот надвор од сопствените граници го олеснува и растот на индустриското производство и на економијата во целина. Покрај тоа, извозот ја изложува домашната економија на глобалната конкуренција и ја поттикнува на иновации и развој, од што потоа имаат корист и домашните потрошувачи. Извозот е особено значаен за малите економии како БиХ и земјите од регионот, кои имаат мали пазари и недоволно странски инвестиции“, изјави за TRT Balkan економскиот експерт Игор Гавран.
Иако земјите од регионот увезуваат многу повеќе стоки од другите држави отколку што извезуваат во странство, вреди да се разгледа структурата на стоките и производите што најмногу се извезуваат во светот.
БиХ: Изолирани кабли
Во таа смисла, Босна и Херцеговина во текот на 2025 година најмногу извезувала изолирани жици (кабли) и електрична енергија, покажуваат податоците на Надворешнотрговската комора на БиХ.
Вкупниот извоз на Босна и Херцеговина изнесувал 8,9 милијарди евра, додека увозот достигнал 15,6 милијарди евра, со што надворешнотрговскиот дефицит изнесувал 6,7 милијарди евра.
Имено, во текот на минатата година БиХ остварила извоз на изолирани жици и кабли, кои претставуваат важен дел од автомобилската и електроиндустријата, во вредност од 253,4 милиони евра. На второ место е електричната енергија, со извоз во вредност од 188,1 милион евра. Други значајни извозни производи се растителните масла, млекото, јајцата и медот.
Според податоците на Агенцијата за статистика на БиХ, Хрватска, Германија, Србија, Австрија и Словенија биле клучни земји увознички и најважни трговски партнери за стоките од Босна и Херцеговина во 2025 година.
Хрватска е поединечно најголемиот извозен пазар, со повеќе од 976,5 милиони евра, по што следува Германија, во која бил остварен извоз во вредност од 951 милион евра.
Земјите од ЕУ се клучен двигател на домашната економија, бидејќи на нивните пазари се пласираат повеќе од 72 проценти од вкупниот извоз на БиХ.
Србија: Автомобилската индустрија и патните возила
Најважни извозни сектори на Србија минатата година биле автомобилската индустрија (патни возила), бакарот и бакарната руда, електричните и индустриските проводници, земјоделските и прехранбените производи, како и автомобилските гуми.
Според податоците на Републичкиот завод за статистика, извозот на стоки во 2025 година достигнал 33,07 милијарди евра, додека увозот изнесувал 41,86 милијарди евра, со што е забележан дефицит од 8,79 милијарди евра.
На земјите од ЕУ отпаѓаат околу 58,2 процента од вкупната надворешнотрговска размена на Србија, а поединечно најмногу стоки биле извезени во Германија, Италија, Босна и Херцеговина, Кина и Унгарија.
Хрватска: Машини и транспортни средства
Хрватска во 2025 година остварила најголем извоз во секторите на машините и транспортните средства, како и во преработувачката индустрија.
Вредноста на извозот изнесувала 25,1 милијарда евра, а на увозот 45 милијарди евра, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС).
Најмногу стоки биле извезени во Германија, додека вкупниот извоз во ЕУ изнесувал 16,6 милијарди евра, односно 66 проценти од вкупниот извоз.
Земјите надвор од ЕУ (трети земји) сочинуваат околу 34 проценти од хрватскиот извоз (околу 8,5 милијарди евра). Притоа, Босна и Херцеговина е најголемиот поединечен пазар надвор од Европската Унија, во која бил остварен извоз во вредност од 2,7 милијарди евра (околу 11 проценти од вкупниот хрватски извоз).
Црна Гора: Доминираат минералните горива и мазива
Црна Гора минатата година најмногу извезувала минерални горива и мазива, во вредност од 136,9 милиони евра. Во оваа категорија најзастапена е електричната енергија, со 95,5 милиони евра, покажуваат податоците на Управата за статистика (Монстат). Потоа следуваат производите од метал, храната, живите животни, хемиските производи и пијалаците.
Вкупната вредност на извозот на стоки изнесувала 572,3 милиони евра, додека увозот се зголемил на 4,46 милијарди евра.
Најважни извозни партнери на Црна Гора биле Србија, со извоз во вредност од 153,3 милиони евра, Босна и Херцеговина со 56,9 милиони евра и Словенија со 37,7 милиони евра.
Северна Македонија извезува катализатори со благородни метали
Според податоците на Државниот завод за статистика на Северна Македонија, најзначајни извозни производи во 2025 година биле катализаторите на носачи со благородни метали или соединенија на благородни метали, како и комплетите кабли за палење и другите видови кабли за возила, авиони и бродови.
Северна Македонија минатата година остварила извоз од речиси 7,9 милијарди евра, додека увозот изнесувал 11,5 милијарди евра.
Нејзин најголем извозен пазар и натаму е Германија, по што следуваат Србија, Бугарија, Грција и Велика Британија.
Албанија: Обувки и облека
Албанија минатата година најмногу извезувала обувки, текстил, односно облека, електрични машини, минерални горива и руди.
Според податоците на ИНСТАТ, во текот на 2025 година вкупниот извоз на Албанија се намалил за 6,1 процент, на 3,7 милијарди евра, додека вкупниот увоз се намалил на 9,6 милијарди евра.
Повеќе од две третини од вкупниот албански извоз се пласираат на пазарот на Европската Унија, а Италија е убедливо најголемиот трговски партнер на албанските компании. По Италија, главни извозни пазари се Србија, Грција, Германија, Косово и Шпанија.
Косово извезува основни метали
Косово минатата година остварило најголем извоз во категориите основни метали и производи од нив, како и минерални производи, пластика, гума и производи од нив. Потоа следуваат преработената храна, пијалаците и тутунот, како и разни готови производи.
Податоците на Агенцијата за статистика на Косово (АСК) покажуваат дека Косово најмногу стоки извезува во земјите од регионот, пред сè во Албанија и Северна Македонија, како и во земјите од ЕУ, меѓу кои и Германија.
Како што наведува Царинската служба на Косово, вкупниот извоз минатата година изнесувал 859 милиони евра, а увозот седум милијарди евра. Поточно, извозот покривал само околу 13,9 проценти од увозот, со што е остварен огромен трговски дефицит.
Зајакнување на регионалната соработка
Економскиот аналитичар Гавран истакнува дека БиХ и другите земји од регионот не се доволно конкурентни во многу области и дека најмногу извезуваат производи со пониска додадена вредност, како репроматеријали, полупроизводи и готови производи кои не се технолошки напредни и не овозможуваат високи маржи.
„Зајакнувањето на меѓусебната соработка и создавањето заеднички пазар секако би можеле да им помогнат на сите во регионот, доколку се одвиваат врз рамноправна основа и во заеднички интерес, без доминација на која било поединечна држава“, смета овој експерт.
Иако некои земји од регионот бележат номинален раст на вкупната трговска размена, структурата на надворешната трговија и натаму во голема мера останува неповолна, пред сè поради големата зависност од увозот и ограничените извозни капацитети.
Според мислењето на многу експерти, потребни се поголеми инвестиции во производството, енергетиката и индустриите со повисока додадена вредност, со цел да се намали надворешнотрговскиот дефицит, кој е еден од главните структурни предизвици за економиите на земјите од регионот.
Мерки за зајакнување на извозот
Државата може да го зголеми извозот преку економски политики со кои се зајакнува конкурентноста на нејзините компании, се намалуваат трошоците за работење и се отвораат нови пазари.
Клучни мерки за зголемување на извозот се секако производството на производи со повисока додадена вредност, односно инвестирањето во преработувачката индустрија и технологијата, како што се ИТ-секторот, автомобилската индустрија или преработката на храна, наместо извозот на суровини.
Како што предлагаат и многу експерти, потребно е подобрување на инфраструктурата и логистиката, односно инвестирање во патишта, железници, пристаништа и брз интернет, со што се намалуваат времето и трошоците за транспорт на стоките до купувачите.
Една од мерките е и инвестирањето во образованието и работната сила – зајакнување на вештините на работниците и усогласување на образовниот систем со потребите на современата индустрија.
Важна е и диверзификацијата на пазарите, односно проширувањето на продажбата на нови, трети пазари, наместо потпирање само на еден регион или на соседните држави.
Многу важно е и усогласувањето со странските стандарди преку исполнување на строгите технички, еколошки и сертификациски правила на целните пазари.
Поповолната даночна и деловна политика, односно намалувањето на бирократијата, поедноставувањето на царинските постапки и даночните олеснувања за извозните компании, можат значително да придонесат за вкупниот раст на извозот.
Дигиталните канали, исто така, им даваат силна поддршка на компаниите во проширувањето на електронската трговија и директната продажба на стоки на купувачите во странство.













