Венецуелскиот опозициски лидер Хуан Пабло Гуанипа, поранешен член на Националното собрание на Венецуела, бил киднапиран во Каракас околу полноќ по локално време, само неколку часа откако бил ослободен од затвор, објави опозициската лидерка и добитник на Нобелова награда за мир Марија Корина Мачадо.
„Хуан Пабло Гуанипа бил киднапиран пред само неколку минути во населбата Лос Чорос во Каракас. Тешко вооружени мажи, во цивилна облека, пристигнале со четири возила и го однеле на сила. Бараме негово итно ослободување“, напиша Мачадо рано утрово на социјалната мрежа X.
Рамон Гуанипа, син на киднапираниот опозициски член, потврди дека неговиот татко е киднапиран и изјави дека го киднапирале десет неидентификувани лица.
Партијата Примеро Јустиција на Гуанипа го осуди киднапирањето на својот лидер, како што тврди, „од страна на репресивните сили на диктатурата“.
Неколку часа претходно, Гуанипа (61) беше ослободен од затвор, пред најавеното гласање за историскиот закон за амнестија во Венецуела.
Тој синоќа објави дека е ослободен по повеќе од осум месеци затвор.
„Денес сме ослободени. Има многу за дискусија за сегашноста и иднината на Венецуела, секогаш со вистината во преден план“, рече Гуанипа синоќа во видео објавено на социјалната мрежа X, објави Ројтерс.
Гуанипа, кој се смета за еден од најблиските сојузници на истакнатата опозициска фигура Марија Корина Мачадо, беше приведен во притворен центар во Каракас, главниот град на Венецуела.
Тој беше уапсен кон крајот на мај минатата година, а министерот за внатрешни работи Диосдадо Кабело го обвини за учество во наводна „терористичка група“ која планирала да ги бојкотира законодавните избори тој месец, потсетува агенцијата.
Ослободувањето на Хуан Пабло Гуанипа доаѓа во услови на растечки притисок врз владата на вршителот на должноста претседател Делсеа Родригез да ги ослободи сите луѓе чие притворање пред месеци или години, според нивните семејства и невладини организаци, било поврзано со нивните политички убедувања.
Родригез положи заклетва како вршител на должноста претседател на Венецуела откако американската војска го зароби и киднапираше тогашниот претседател Николас Мадуро на почетокот на јануари.
Нејзината влада минатиот месец објави дека ќе ослободи значителен број затвореници - централно барање на опозицијата во земјата и групите за човекови права поддржани од САД.
Сепак, семејствата и организациите за човекови права ги критикуваа властите за бавното темпо на ослободувањето.













