Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ денес постави јавно прашање зошто израелскиот министер за надворешни работи бил поканет во Загреб и зошто претседателот на Парламентот, премиерот и министерот за надворешни работи се сретнале со него.
„Во време кога израелската влада и армијата го протеруваат целото население од градот Газа и најавуваат напад врз тој град од еден милион жители, средбата со член на истата таа влада всушност е поддршка за израелската политика на насилство, етничко чистење и воени злосторства“, рече Милановиќ на својот официјален профил на Фејсбук.
Наместо, како што вели, да го започне процесот на признавање на палестинската држава како прв чекор во постигнувањето решение со две држави и траен мир на Блискиот Исток, Владата на Хрватска ги поддржува функционерите на израелската влада, кои недвосмислено стојат зад политиката на војна и насилство.
„Колку е погрешно да се сретнеш со член на израелската влада покажува и неговата денешна изјава во која ја споредува Хрватската татковинска војна и израелската агресија врз Газа! Ова е навредливо за Хрватска и за сите жртви на агресијата врз Хрватска, бидејќи Хрватска се бранеше, за разлика од Израел, кој беснее и убива десетици илјади луѓе во Газа. Како да не беше тоа доволно, целиот центар на Загреб денес беше блокиран со часови во чест на израелскиот министер, што не се случува дури ни кога во Хрватска доаѓаат многу поистакнати и важни гости“, рече Милановиќ.
Милановиќ неодамна го повика премиерот Андреј Пленовиќ да ја натера хрватската влада да ја покрене постапката за признавање на Палестина.
За време на утринската средба меѓу Пленковиќ и израелскиот министер во Бански Дори, активистите на иницијативата „Слободна Палестина“ протестираа со транспарент „Воениот злосторник Саар не е добредојден. Следна станица - Хаг“.