Веќе повеќе од две децении, Емине Полат ги оживува културните традиции на Туркије преку уметноста на изработка на „китре“ кукли.
Оваа занаетчијка, родена во Ерзинџан, која сама ја совладала вештината во 2004 година, обучила повеќе од 100 ученици и се здобила со национално признание за својот придонес во зачувувањето на традиционалните турски уметности.
Но многу пред да ја открие изработката на кукли, Полат се посветила на друга цел: подобрување на пристапот до образование за деца со интелектуална попреченост, при што на крајот помогнала во основањето на училиште во Измир.
Секоја кукла што ја прави Полат започнува со скелет.

„Потоа, врз тој скелет го градиме телото“, вели таа.
Откако ќе ја наполни куклата со влакна или памук, Полат ги обликува лицето, главата, рацете и стапалата користејќи китре- природна смола од растенија. Сепак, пред да започне, таа одлучува каков лик ќе претставува куклата.
„На пример, ако правам кукла од регионот на Црното Море, во мислите си замислувам некој од тој крај“, вели таа. „Се обидувам да ја оживеам таа личност.“
Иако изработката на кукли подоцна ѝ донела национално признание, средбата со едно момче во раните 90-ти години го променила текот на нејзиниот живот.
Пресвртна точка
Родена во Ерзинџан во 1952 година, Полат завршила стручно средно училиште за девојки, а потоа посетувала курсеви на сите оддели во едно вечерно уметничко училиште.
Откако нејзините деца пораснале, таа одлучила да се вработи. Имала 39 години кога, во 1991 година, се соочила со ново искуство. „Никогаш претходно немав видено луѓе со интелектуална попреченост“, вели таа. „Никогаш претходно не сум ги познавала одблиску.“
Првично, под силен впечаток од ова искуство, Полат се запрашала дали ќе може да продолжи да работи во училиштето. „Кога ги видов децата, заплакав и се вратив назад, велејќи дека не можам да го направам ова.“
Но таа се вратила, и во рок од еден месец, нејзиниот поглед кон работите почнал да се менува.
„Сфатив дека на овие деца им е потребна поддршка“, вели таа. „Тоа стана пресвртница во мојот живот.“

Еден конкретен настан во училиштето ѝ останал во сеќавање. За време на Неделата за подигнување на свеста за лицата со попреченост, сопругот на Полат купил печива и пијалаци за децата, кои тие ги подготвиле вечерта пред прославата.
Меѓу учениците било и едно момче по име Џенк, кое не можело да зборува.
„Луѓето мислеа дека тоа дете не може да направи ништо“, вели Полат. „Сè уште се возбудувам кога зборувам за тоа.“
Следниот ден, додека Полат земала една кутија со печива во училницата, од неа скокнало мало глувче.
„Кога се испаничив и се исплашив, Џенк ме крена во своите раце“, раскажува таа. „Детето сфати дека сум исплашена и ми притрча на помош.“
Овој настан ја зајакна решеноста на Полат да им даде поддршка на децата со попреченост.
„Детето за кое сите велеа дека не може ништо да разбере, ми притрча на помош. Сфатив дека и јас морам да застанам зад овие деца.“
Изградба на училиште
Полат продолжила да работи со деца со попреченост, а во 1995 година им предложила на група пријатели во Чигли, населба во Измир, да основаат здружение.
„Прашав: ’Што мислите за основање здружение?‘ Тие одговорија: ’Секако, тука сме за тебе.‘“

Здружението немало никакви приходи, но Полат и нејзините пријатели имале заедничка амбиција: да изградат училиште.
Според зборовите на Полат, три години го користеле просторот на поранешна здравствена амбуланта во Егегент како образовна установа, каде што едуцирале 30 деца.
Со текот на времето, обезбедиле земјиште за училиштето, но им беа потребни архитектонски планови и финансиски средства за изградбата. Еден инженер, кого Полат случајно го запознала, понудил да ги изработи плановите, а таа потоа побарала помош од бизнисмени.
Иако првично ѝ рекле дека немаат пари, два дена подоцна ѝ се јавиле повторно. „Мажите таму рекоа: ’Ајде да ѝ помогнеме на оваа жена и да го изградиме училиштето‘.“
Изградбата започна, а училиштето беше завршено во рок од шест месеци. Кога подоцна ѝ предложија на Полат да го води како приватна установа и да наплаќа за образованието на учениците, таа одби.
„Никогаш не ни помислив на такво нешто.“
Наместо тоа, училиштето беше префрлено под надлежност на Министерството за национално образование и, според Полат, функционира и денес.
„Нема ништо поубаво од тоа да допреш нечиј живот.“
Полат се запознала со изработката на кукли од китре (природен лепак од корен на растение) во 2004 година, кога бил организиран натпревар меѓу центрите за јавно образование.

„Никогаш претходно немав изработувано вакви кукли“, вели таа.
Таа почнала да истражува за овој занает, но не можела да најде никакви материјали што би ѝ послужиле како водич.
„Затоа, почнав да изработувам кукли, притоа намалувајќи ги пропорциите на човечкото тело“, вели таа.
Полат пријавила три кукли на натпреварот, од кои, како што вели таа, сите освоиле прво место во Измир.
Она што започнало како пријава за натпревар, прераснало во занает со кој таа сакала да се занимава и да го пренесе на другите.
„Подоцна, ја засакав изработката на кукли од ’китре‘ и почнав да ги учам другите. Обучив повеќе од сто ученици.“
Со текот на годините, Полат изработила толку многу кукли што станало тешко сите да се зачуваат. На крајот, таа ги подарила на Градскиот музеј во Малатја, каде што, како што вели, тие се изложени.
Занает што бара многу труд
Полат објаснува дека китре се добива од сокот на растението гевен (вид линцура), кое расте на планините во источна Анадолија.
Сокот се суши природно пред да се собере и продаде. Полат го натопува материјалот во топла вода два дена, сè додека целосно не омекне. Потоа го цеди за да ги отстрани сите остатоци, пред да го искористи за изработка на куклите.
„Не е лесно, прилично е тешко и бара многу труд“, вели таа.
Материјалот бара дополнително внимание дури и откако ќе се заврши работата за тој ден.
„Кога работите со китре и ќе го оставите, следниот ден се појавуваат набори“.

Полат користи разни алатки за да ги измазни и отстрани наборите.
„Како што реков, тоа е многу пријатно, но и многу тешко“, вели таа. „Сепак, тоа е прекрасен занает.“
Во јануари 2026 година, Полат ја добила наградата „Живи човечки богатства“-признание што Министерството за култура и туризам на Туркије им го доделува на мајсторите на традиционалните уметности и занаети.
Претседателот Реџеп Таип Ердоган ѝ ја врачил наградата на свеченост во Анкара.
„Ова е голема чест за мене“, вели таа. „Ќе ја чувам оваа радост во себе до крајот на мојот живот.“
Бидејќи сама го научила занаетот и своето знаење им го пренела на повеќе од 100 ученици, Полат се надева дека традицијата ќе опстане.
„Се надевам дека овој занает ќе продолжи, ќе се развива и ќе напредува уште повеќе.“
Извор: ТРТ Ворлд













