Академик проф. д-р Фехим Хусковиќ е добитник на наградата „Уметник на годината за 2025 година“, доделена од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, по повод Светскиот ден на науката.
„Особено значаен момент за мене е фактот што, за првпат во историјата на ова признание, наградата „Уметник на годината“ ја добива ликовен уметник. Тоа го прави ова признание уште позначајно, не само на лично и професионално ниво, туку и за афирмацијата на ликовната уметност и нејзиното место во академската и универзитетската заедница“, истакна Хусковиќ по повод добивањето на наградата „Уметник на годината за 2025 година“.
Тој истакнува дека покрај сите други награди и признанија што ги добил во текот на неговиот животен и професионален пат, оваа награда има посебно значење за него.
„Причината е едноставна: доаѓа од Универзитетот, институција која ја препознава и вреднува мојата долгогодишна уметничка и професионална работа, како и резултатите и остварувањата постигнати во текот на 2025 година.Искрено сум благодарен за оваа чест, доверба и признание“, потенцира Хусковиќ.
На вчерачниот свечен настан, со прогласувањето на најдобрите научници и уметници на УКИМ за 2025 година и промоцијата на Центарот за интелектуална сопственост, заокружен е „Месецот на науката на УКИМ 2026“.
„Искрени честитки до добитниците на признанијата, чии достигнувања се гордост за нашиот универзитет и инспирација за идните генерации! Промоцијата на Центарот за интелектуална сопственост претставува значаен чекор кон унапредување на институционалната поддршка за заштита на интелектуалната сопственост, поттикнување на иновациите и трансферот на знаење“, сметаат од УКИМ.
Академик проф. д-р. Фехим Хусковиќ е универзитетски професор, сликар и графичар. Роден е на 25 мај 1967 година во велешкото село Горно Оризари. Завршил ФЛУ во Скопје, магистрирал графика, а докторирал на Универзитет за ликовни уметности во Софија, Бугарија.
Добитник е на повеќе од 35 награди од областа на цртежот, графиката и сликарството, како и на сертификати, дипломи и признанија за педагошко искуство. Меѓу наградите, се наведува 9-то ноемвриско признание на Општина Велес, како и Наградата „Никола Мартиновски“ за 2006 година што ја доделува Друштвото на ликовните уметници на Македонија. Работи како редовен професор на Факултетот за ликовна уметност во Скопје, Интернационалниот Универзитет во Нови Пазар, како и визитинг на повеќе универзитети во Европа и Азија.
Хусковиќ организирал е повеќе од 130 самостојни изложби во земјата и во странство (Србија, Бугарија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Косово, Грција, Полска, Хрватска, Словенија, Туркије, Австрија, Швајцарија, Германија, Норвешка, Франција и САД), како и повеќе од 800 групни изложби. Учествувал на повеќе од 200 меѓународни ликовни колонии и симпозиуми.
Објавил 20 стручни трудови и три книги од областа на педагогијата и психологијата на уметноста. Организатор и координатор е на голем број биеналиња, триеналиња, манифестации и изложби на светско ниво, а дал и значаен придонес во афирмацијата на балканските држави.
Неговите дела се наоѓаат во светски познати музеи и приватни колекции. Член е на повеќе организации, здруженија и асоцијации (ДЛУМ, ДЛУВ, ДЛУЛ, ДЛУНП, СУЛУ), како и редовен член на БАНУ (Бошњачка академија на науките и уметностите).












