Поздравувајќи ги учесниците на Министерскиот состанок на Координативниот комитет на Движењето на неврзаните, министерот за надворешни работи на Република Азербејџан Џејхун Бајрамов го прогласи за отворен настанот.
Најпрво со едноминутно молчење им беше оддадена почит на лидерите на земјите-членки на Движењето на неврзаните кои ги загубија животите од 2019 година до денес.
Министерот Џејхун Бајрамов рече дека овој министерски состанок во рамките на подготовките за самитот во Кампала ќе даде можност да се разгледаат достигнувањата постигнати по Самитот на Движењето на неврзаните во Баку во 2019 година.
Министерот Бајрамов му даде збор на претседателот на Република Азербејџан, претседавач на Движењето на неврзаните земји Илхам Алиев, кој најпрвин ги поздрави учесниците на состанокот и своето обраќање го започна со зборовите:
„Претседавањето на Азербејџан со Движењето на неврзаните силно ги заштити правдата и меѓународното право и легитимните интереси на земјите-членки во согласност со „принципите на Бандунг“.
„Како вистински бранител на мултилатерализмот и втора по големина меѓународна институција по Обединетите нации, Движењето на неврзаните мора да го најде своето место во новиот и преобликувачки светски поредок. Мора цврсто да се придржуваме до принципите на Бандунг, да го кренеме гласот против случаите на повреда на суверенитетот и територијалниот интегритет и мешање во внатрешните работи на државите. Повидливото присуство на нашето Движење во светските работи е од витално значење“, нагласи Алиев.
Меѓу другото, Алиев во својот говор рече дека Азербејџан е загрижен поради растечката тенденција кон неоколонијализам.
„Движењето на неврзаните, кое настана како резултат на процесот на деколонизација, треба енергично да се бори против ова срамно наследство од минатото и да придонесе за негово целосно елиминирање“, рече претседателот на Азербејџан.













