Фудбалската федерација на Македонија и селекторот на македонската А репрезентација, Гоце Седлоски, спогодбено го раскинаа договорот, соопшти федерацијата.
„Понекогаш во фудбалот, без оглед на искуството, посветеноста и добрите намери, работите едноставно не се одвиваат онака како што сите посакуваат. Сметаме дека во овој момент е најдобро разделбата да биде во интерес на репрезентацијата, но и на Гоце Седлоски, без дополнителен притисок и негативни коментари кои не треба да бидат товар за човек кој оставил длабока трага во македонскиот фудбал“, рекоа од ФФМ.
Според федерацијата, Гоце не е само селектор кој ја предводел репрезентацијата во еден период, тој е еден од најтрофејните македонски тренери, легендарен капитен и човек кој со години е дел од историјата и развојот на нашиот фудбал.
„Можеби моментот во кој ја презеде репрезентацијата не беше идеален. Можеби високите очекувања, наспроти реалноста, околностите и резултатите не се поклопија со она што сите го посакувавме. Но, тоа не ја менува неговата заслуга, ниту придонесот што го има дадено за македонскиот фудбал. ФФМ му се заблагодарува на Гоце Седлоски за досегашната работа, посветеноста и професионалниот однос. Веруваме дека неговото искуство, знаење и љубов кон македонскиот фудбал и во иднина ќе бидат ставени во служба на нашиот фудбал, клупски или репрезентативен. Резултатите се дел од фудбалот. Почитта кон луѓето кои го задолжиле треба да остане и по последниот натпревар“, соопшти ФФМ.
Седлоски замина како најлош селектор во историјата на македонската репрезентација.
На десет одиграни натпревари под негово водство, од кои три пријателски, репрезентацијата претрпе осум порази, а двапати ремизираше.
Иако на почетокот најавуваше напаѓачка игра, македонските фудбалери постигнаа само еден единствен гол, а примија 23. На десетте натпревари продефилираа дури 44 играчи, од кои 3 голмани.
Селекторската функција ја презеде во декември лани, а првиот натпревар под негово водство беше бараж натпреварот против Данска за пласман на Мундијалот (4:0).















