Подготвени сме да го измениме Уставот и во него да го вклучиме бугарското малцинство, но бараме гаранции дека откако ќе се исполни ова барање нема да се појават дополнителни билатерални пречки на нашиот пат кон членство во Европската Унија (ЕУ), изјави претседателот на Собранието, Африм Гаши, за време на денешната посета на Загреб.
„Како Парламент, целосно сме подготвени и постигнавме целосен консензус за вклучување на Бугарите во Уставот. Но потребни ни се предвидливост и гаранции дека ова ќе биде последното барање од Бугарија, или од која било друга земја, дека нема да бидеме принудени повторно да го менуваме Уставот поради прашања поврзани со идентитетот“, рече Гаши на прес-конференцијата по средбата со претседателот на хрватскиот Сабор, Гордан Јандроковиќ.
Тој нагласи дека Северна Македонија е меѓу земјите кандидати што поднеле најголеми жртви и направиле најмногу приспособувања на својот европски пат, истакнувајќи дека земјата веќе ги промени и својот Устав и своето име.
„Би сакале овој процес да заврши без никакви нови прашања поврзани со идентитетот, јазикот или историјата“, рече Гаши, додавајќи дека земјава ќе продолжи со спроведување на реформите во областа на владеењето на правото и очекува процесот на проширување на ЕУ да се заснова врз заслуги.
Во својот извештај за напредокот на земјите кандидати, објавен на почетокот на ноември, Европската комисија констатираше дека Северна Македонија сè уште ја нема исполнето обврската за измена на Уставот со цел признавање на Бугарите како национално малцинство. Јандроковиќ изрази надеж дека хрватското малцинство што живее во земјата ќе биде вклучено во Уставот откако ќе се исполнат условите.
Јандроковиќ оцени дека Северна Македонија поминала низ трнлив пат кон европската интеграција, со многубројни пречки и, како што наведе, двојни стандарди што често биле на штета на земјата.
Тој изрази надеж дека во блиска иднина ќе дојде до позитивни промени и дека земјата, врз основа на своите постигнувања и исполнувањето на европските стандарди, ќе напредува кон членство во ЕУ.
Тој додаде дека поддршката од Хрватска не е доволна и дека е неопходно да се постигне договор меѓу главните членки на Унијата дека Северна Македонија заслужува членство.














