Кои држави имаат нуклеарно оружје?
СВЕТ
4 мин читање
Кои држави имаат нуклеарно оружје?Според експертите, на почетокот на 2025 година постоеле приближно 12.241 боеви глави, кои ОН ги нарекува најопасното оружје во светот. Во моментов, девет земји поседуваат нуклеарно оружје.
Кои држави имаат нуклеарно оружје? / TRT Balkan
19 јуни 2025

Нуклеарното оружје повторно во фокус по интензивирањето на израелско-иранскиот конфликт. Израелските воздушни напади врз Иран доведоа до повици за регионална деескалација и нуклеарно разоружување.

Израел, кој се смета за единствена нуклеарна сила на Блискиот Исток, го нападна Иран токму во моментот кога се интензивираа преговорите за иранската нуклеарна програма. Техеран долго време тврди дека неговата програма е исклучиво за цивилни цели.

Што е нуклеарно оружје?

Според Обединетите нации, нуклеарното оружје е најопасното оружје што постои на Земјата.

Станува збор за исклучително моќни експлозиви чие детонирање може да предизвика масовно уништување и долготрајни последици по животната средина.

Нуклеарното оружје ја црпи својата енергија од нуклеарни реакции: фисија (атомски бомби) или фузија (хидрогенски бомби), при што се користат клучни елементи како плутониум-239 и ураниум-235.

Нуклеарната експлозија ослободува толку интензивно топлотно зрачење што сè во непосредна близина на епицентарот може буквално да испари.

Само една нуклеарна бојева глава може да усмрти стотици илјади луѓе, според податоците на Меѓународната кампања за укинување на нуклеарното оружје (ICAN), добитничка на Нобеловата награда за мир.

„Нуклеарното оружје е најопасното оружје на Земјата. Може да уништи цел град, потенцијално да убие милиони и долгорочно да го загрози природниот амбиент и животите на идните генерации. Самото негово постоење претставува закана“, се наведува од Канцеларијата за разоружување на Обединетите нации.

Колку нуклеарно оружје постои во светот?

Нуклеарни бомби се користени во војна само двапати – кога Соединетите Американски Држави ги бомбардираа јапонските градови Хирошима и Нагасаки во 1945 година.

Најблиску што светот некогаш бил до целосна нуклеарна војна било во 1961 година, по конфликтот меѓу САД и Советскиот Сојуз. Од тогаш, земјите генерално се согласуваат дека ширењето на нуклеарното оружје е сериозен проблем.

Според ICAN, современите, помали нуклеарни бомби имаат разорна моќ и до 20 пати поголема од онаа што ја уништи Хирошима. Таа бомба уби околу 150.000 луѓе во првите месеци по детонацијата.

Нуклеарното оружје големите сили сè уште го сметаат за крајна линија на одбрана. Поседувањето на такво оружје се гледа како средство за одвраќање, бидејќи постои страв дека евентуален конфликт би довел до уништување и на напаѓачот и на бранителот.

Според податоците на Канцеларијата на ОН за разоружување, денес во светот наводно постојат помеѓу 12.000 и 13.400 парчиња нуклеарно оружје, а досега се изведени повеќе од 2.000 нуклеарни тестирања.

Држави што поседуваат нуклеарно оружје

Моментално, девет земји во светот поседуваат нуклеарно оружје:

  • Русија (5.459)

  • Соединетите Американски Држави (5.117)

  • Кина (600)

  • Франција (290)

  • Обединетото Кралство (225)

  • Пакистан (170)

  • Индија (180)

  • Израел (90)

  • Северна Кореја (50)

Според Федерацијата на американски научници (FAS), овие земји на почетокот на 2025 година заедно поседувале околу 12.241 бојева глава, при што САД и Русија заедно имаат околу 87% од вкупниот нуклеарен арсенал.

Повеќето земји што поседуваат нуклеарно оружје не објавуваат точни податоци за големината и составот на своите залихи. Сепак, вкупниот светски нуклеарен арсенал се намалува – од врвот од околу 70.000 боеви глави за време на Студената војна.

Напори за елиминација на нуклеарното оружје

Обединетите нации со години се обидуваат да го спроведат процесот на разоружување, но без поголем успех. Сепак, воспоставен е низа меѓународни договори со цел да се спречи ширењето и тестирањето на нуклеарното оружје.

Еден од клучните документи е Договорот за неширење на нуклеарно оружје (NPT), чија цел е да го спречи ширењето на нуклеарното оружје и да го поттикне разоружувањето. Се смета за основа на глобалниот режим за неширење и содржи механизми за надзор и верификација, кои ги спроведува Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA).

Договорот, кој беше отворен за потпишување во 1968 година, стапи на сила во 1970 година. Досега го потпишале 191 држава-членка, обврзувајќи се да се придржуваат до него.

Меѓутоа, некои од државите што поседуваат нуклеарно оружје не го потпишале договорот: Израел, Индија и Пакистан, додека Северна Кореја, која претходно го потпиша, се повлече во 2003 година.

Од друга страна, петте нуклеарни сили што се потписнички се: Соединетите Американски Држави, Русија, Кина, Франција и Обединетото Кралство.

Развојот и одржувањето на нуклеарниот арсенал се исклучително скапи. Според ICAN, земјите што поседуваат нуклеарно оружје трошат околу 225 милиони американски долари дневно за нуклеарните сили.

Критичарите тврдат дека тие средства би можеле да се искористат за подобрување на квалитетот на живот на луѓето ширум светот.

ИЗВОР:TRT Balkan
Повеќе
Уапсен убиецот на Чарлс Кирк, ФБИ го откри неговиот идентитет
Орбан: Членство во ЕУ базирано на заслуги, а не како гаранција за безбедност
Најмалку 23 убиени и десетици ранети Палестинци во денешнте израелски напади во Газа
ФБИ објави фотографии од осомничениот убиец на Чарли Кирк, нуди награда од 100.000 долари
Најмалку 3 загинати, 70 повредени во експлозија на цистерна за гас во Мексико Сити
Изгласан одбранбен буџет на САД од 900 милијарди долари од кои 400 мииони за Украина
Индија побара Русија да не регрутира нејзини државјани
Пакистанската армија тврди дека убила 19 осомничени милитанти
Бројот на жртви во насилните протести во Непал се искачи на 31
Падна електричната мрежа во Куба, прекини во снабдувањето со електрична енергија низ целиот остров
Сојузникот на Трамп и десничарски активист Чарли Кирк застрелан на Универзитетот Јута
Претседателката на ЕК, Фон дер Лајен: „Иднината на Западен Балкан е во Европската Унија“
Туркије, ЕУ, Франција, Германија, Велика Британија и Шпанија го осудија израелскиот напад на Доха
Трамп планира телефонски разгвоор со Путин оваа или на почетокот на следната недела
Ким Јонг Ун: Никој не може да го загрози статусот и безбедноста на Северна Кореја
Осум убиени Палестинци во новите израелски напади на Газа