Русија е подготвена да посредува меѓу Авганистан и Пакистан во услови на зголемени гранични тензии, доколку двете страни го побараат тоа од Москва.
Специјалниот пратеник на рускиот претседател за Авганистан, Замир Кабулов, изјави дека Москва е „природно“ загрижена за ескалацијата меѓу Исламабад и Кабул.
„Би сакале да видиме брз прекин на меѓусебните напади и премин кон деескалација на односите“, рече Кабулов, оценувајќи дека иако ризиците од целосна војна се „хипотетички значајни“, тие сепак се малку веројатни.
Тој додаде дека Русија се залага за компромис што би довел до запирање на судирите и враќање кон дипломатијата.
„Русија би била подготвена да ја разгледа оваа опција доколку двете страни истовремено се обратат со барање за посредување. Тоа засега не се случило, па немаме намера да се наметнуваме“, истакна Кабулов.
Односите меѓу Авганистан и Пакистан се влошија во последните недели поради ескалацијата на граничните судири, кои предизвикаа жртви и материјална штета.
Од крајот на февруари, во прекуграничните судири загинале најмалку 107 лица од двете страни, меѓу кои 13 војници и пет цивили во Пакистан, додека еден војник се води како исчезнат.
Според податоците од Кабул, во Авганистан загинале 13 војници и 76 цивили, без да се вклучат најновите жртви од нападот во понеделникот.
Мисијата на ОН за помош во Авганистан, соопшти дека документирала 76 цивилни жртви и 213 повредени во периодот од 26 февруари до 16 март, како последица на тековните судири.
Во меѓувреме, Исламабад го обвини Кабул дека засолнува милитантни групи насочени против Пакистан, обвинувања што авганистанските власти ги негираат.












